12 февруари, 2018 година
Во Владата на Република Македонија денеска се одржа свеченост по повод доделувањето на договорите за финансирање на иновативни проекти на 20 домашни микро, мали и средни претпријатија кои аплицираа на два јавни повици спроведени од страна на Фондот за иновации и технолошки развој.
Претседателот на Владата на Република Македонија во своето обраќање посочи дека Владата на Република Македонија и во иднина поизразено ќе вложува буџетски средства за развој на иновациите и порача дека соработката со Светска банка продолжува, институциите ќе продолжат да работат како сервис и партнер на бизнисот во остварување на целите за развој и на бизнис идеите како дел од севкупниот развој на економијата.
На денешниот настан свое обраќање имаше и заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев кој истакна дека оваа влада за 47 % определи повеќе средства за поддршка на економијата во Република Македонија и за прв пат ги поддржува македонските компании.
- На сите добитници им честитам и посакувам проектите да бидат имплементирани што поскоро, а тие да видат бенефит од таквите проекти. Овие проекти се доказ дека ние имаме млади паметни луѓе и ако тие млади паметни луѓе се поддржани ќе има зошто да останат да живеат и работат во Македонија - рече вицепремиерот Анѓушев.
На настанот се обрати и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски кој истакна дека за прв пат Владата на Република Македонија заедно со институцијата што тој ја раководи стануваат инвеститори во развојот на компаниите, а со тоа и во развојот на економијата и најави дека во подготовка е повик за финансирање на проекти од третиот столб на Планот за економски раст за кој се издвоени 185 милиони денари.
- На денешниот настан ги претставуваме првите резултати од еден поинаков концепт за поддршка на економијата и растот. Доделуваме 20 договори за финансирање на иновативни проекти преку кои Владата на Република Македонија односно Фондот за иновации и технолошки развој станува инвеститор во развојот на компаниите и економијата - истакна директорот Деспотовски.
Директорот на Светска банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели во своето обраќање му честита на Фондот за иновации и технолошки развој за успешното завршување на четвртиот повик и на добитниците им посака успешно реализирање на проектите.
- Како претставник на Светска банка можам да кажам дека сме особено горди што ја поддржуваме Владата на Република Македонија во обидите да ги трансформира технолошките и иновативните потенцијали во вистински економски резултати - порача директорот на Светска банка во Македонија Марко Мантованели.
И претставници на компаниите потписнички на договорите во своите обраќања објаснија на кој начин оваа финансиска поддршка ќе им помогне во реализација и понатамошно развивање на нивните иновативни проекти.
Стефан Митевски од компанијата Систем оф Ентерпрајс порача дека мисијата на неговата компанија е таа да стане иновациски центар во осигурителната индустрија и дека овој тип на финансиска поддршка е значајна во процесот на креирање на нови производи, додека претставникот на иноваторите на ГЕТ велосипедот за компанијата Венито Комерц посочи дека оваа иновативна идеја е пред сè на група студенти, потпомогнати од компанијата, а сега и од владата и Фондот за иновации, чијашто реализација во иднина ќе значи и дел од решавање на проблемот со загаденоста на воздухот во урбаните средини.