15 февруари, 2018 година
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони Александар Младеновски одржаа прес конференција на која се презентираше новата инвестиција во ТИРЗ Скопје 1, како и нацрт текстот на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Вицепремиерот оцени дека политиките на Владата придонеле за стабилизирање на македонската економија и дека се постигнати одлични резултати кога станува збор за привлекување на нови инвестиции.
„Во изминатите месеци осум нови компании влегоа во фаза на реализација на своите проекти во Технолошко индустриските равојни зони. Вкупно планираните инвестиции се околу 73.5 милиони евра и планирано е отворање на над 1500 нови работни места во наредните години. А треба да знаеме дека сето тоа е направено со 0 денари трошок за промоција и меркетинг. За споредба во претходните 7 години привлечени се 23 инвестиции за кои беа потрошени 225 милиони евра“, потенцираше Анѓушев.
Тој додаде дека Владата и Дирекцијата за ТИРЗ ќе работат напорно за доизградба на постоечките ТИРЗ, со цел да се овозможи нормално функционирање на компаниите кои реализираат инвестиции во зоните.
„Во многу од зоните пристапната и комуналната инфраструктура не е целосно изградена, и за оваа намена издвоени се над 400 милиони денари оваа година. Мора да излеземе од виртуелниот свет, да ги презентираме работите такви какви што се и да преземаме чекори за надминување на проблемите “, појасни вицепремирот.
Министерот за економија Бектеши го образложи нацрт текстот на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и појасни кои ефекти се очекуваат со примената на овој закон кој е во надлежност на министерството.
“Со создавање на законска рамка за реализација на мерките од Планот за економски раст, кој ги дефинира главните политички приоритети за претстојниот период, се очекува: зголемување на приватните инвестиции и на вработеноста, подобрување на ефикасноста, на продуктивноста и на конкурентноста на приватниот сектор, повисоко ниво на извозот и унапредување на регионалната економска соработка, а со тоа се влијае и на подобрување на благосостојбата на граѓаните“, потенцираше Бектеши.
Министерот Бектеши дополни дека со успешна имплементација на Законот, ќе се овозможи поттик за растот и развојот на приватниот сектор, под транспарентни и предвидливи услови.
Директорот на ДТИРЗ Младеновски претстави повеќе информации за најновата најавена инвестиција во ТИРЗ Скопје 1.
„Станува збор за Компанијата “САГЕН ДООЕЛ ” од фармацевската индустрија која е со седиште во Тирана, Албанија. Висината на планираната инвестиција ќе биде во вредност од повеќе од 20 милиони евра и планира да отвори околу 300 нови работни места. Инвестицијата е поделена во три фази, а за нејзините потреби во ТИРЗ Скопје 1 закупена е парцела со површина од околу 28.000 m2“, рече Младеновски.
Со донесување на Законот за финаниска поддршка на инвестициите се очекуваат многукратни позитивни ефекти за македонската економија и уште посилно раздвижување на економската активност на компаниите, бидејќи десетици компании со домашен и странски капитал се заинтересирани за нови инвестиции.
Видео од конференцијата за медиуми: