16 февруари, 2018 година
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања, присуствуваше на свеченото отворање на сместувачките капацитети за учесниците на ФФМ/УЕФА Елитната академија, кои се дел од спортскиот комплекс „Петар Милошевски“ на Фудбалската федерација на Македонија.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека отворањето на овој објект е од особено значење за развој на фудбалот и се заблагодари за поддршката од страна на Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА) и Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), кои финаниски го помогнаа целиот проект.
„Станува збор за објект кој е исклучително важен за развојот на спортот и фудбалот во Република Македонија, а особено е значаен за развој на младите категории каде што е коренот за успехот во секоја работа, вклучително и во спортот“, потнцира Анѓушев.
Вицепремиерот дополни дека за постигнување на добри резултати потребна е напорна работа и добри услови, а со изградба на овој објект се добива комплекс кој обврзува да се постигнуваат добри резултати.
„Фудбалот и политиката имаат одредени сличности. И ние политичарите и фудбалерите сме секогаш во фокус на јавноста, се очекуваат брзи одлуки и резултати. Лесно е да се навива од трибина, но на терен се постигнуваат резултатите. Со правилна и макотрпна работа, во добри услови, резултатите се подостижни. Сега младите фудбалери имаат услови за работа и се надевам дека во иднина ќе бидеме сведоци на една нова генерација на македонски фудбалери која ќе ниже успеси и ќе носи радост за целата македонска јавност“, дополни вицепремиерот Анѓушев.
Вредноста на проектот е околу 800.000,00 евра, средства кои потекнуваат од FIFA Forward Development Programme, UEFA развојни програми и средства на ФФМ. Комплексот е наменет за престој на учениците од фубалската акеадемија во текот на училишната година, содржи 30 двокреветни соби, простории за селектори и стручни тимови, како и сала за состаноци, училница, кујна и трпезарија.