Вицепремерот Анѓушев се сретна со амбасадорката на Канада Чаба – Со мерките за економски раст, владеење на правото и капитални инвестиции до побрз економски раст

21 февруари, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, оствари средба со новоименуваната амбасадорка на Канада за Република Македонија, Н.Е. г-ѓа Кетлин Чаба.

Вицепремиерот и посака успех на амбасадорката на новата позиција и порача дека е отворен за соработка, во интерес на развојот на економијата и меѓусебната трговска размена на двете земји.

За време на средбата потпретседателот на Владата ја информираше амбасадорката за реформите во економските политики, ги презентираше мерките од Планот за економски раст, а информираше дека во завршна фаза е донесувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, со кој инвеститорите добиваат правна сигурност за нивните вложувања. Тој порача дека Владата е отворена за соработка со нови инвеститори и  упати отворена покана до канадските компании да ги искористат можностите од планот и да инвестираат во Македонија.

„Мерките предвидуваат поддршка во висина од 10% од инвестицијата, за нови, гринфилд инвестиции, како и поддршка од 10% за вложувањата со кои е остварена повисока пазарна реализација со компании од други земји. Доколку компаниите соработуваат со домашни добавувачи и 15% од вкупните набавки ги извршат од македонски компании, Владата ќе ги поддржи со 1% од вкупните набавки. Се разбира, сакаме да ги покачиме просечните плати и токму затоа, ќе ги поддржиме компаниите со 20%, за плати над 18.000 денари“, појасни вицепремиерот Анѓушев.

Потпретседателот на Владата Анѓушев, истакна дека во тек е донесување на нов Закон за енергетика, во кој ќе бидат вградени одредбите од Третиот пакет мерки на ЕУ, а кој на македонските граѓани ќе им овозможи избор во снабдување со енергенси. Потенцираше дека Владата е посветена на реализација на реформите со кои ќе се постигне целосно владеење на правото, како и на изградба на инфраструктура со која ќе се подигне конкурентноста на компаниите кои работата во Македонија и ќе се придонесе до поинтензивен економски развој на земјата.

English
АКТУЕЛНОСТИ: