Владата со најголема поддршка за малите и средните претпријатија - промовирана среднорочна програма за поддршка на МСП

1 март, 2018 година

Микро, малите и средните претпријатија ќе бидат најсилно поддржани преку мерките од Планот за економски раст, истакнаа вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски на прес конференција која се одржа во Владата на Република Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека микро, малите и средни претпријатија се во привилегирана положба, затоа што ќе можат да ги користат мерките од сите три столба на Планот за економски раст, кои ќе се спроведуваат преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и преку спроведување на среднорочната Програма за поддршка на мали и средни претпријатија на Фондот за иновации и технолошки развој, како и мерки кои ќе се спроведуваат преку министерството за економија.

„Со среднорочната Програма за поддршка на мали и средни компании се овозможува  дополнителна, посебна поддршка на малите и средни компании, кои имаат право да ги користат и мерките од првиот и вториот столб од Планот за економски раст. Со оваа Програма како никогаш досега се дава поддршка на МСП. Малите и средни компании ќе имаат можност да добијат 30% поврат на средства направени во инвестиции за градење на нови хали, купување машини и други основни средства, а доколку прават инвестиции за развивање на нови производи, Владата ќе изврши поврат од 70% од направените инвестиции за развивање на новите производи “, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој истакна дека преку Програмата за поддршка на малите и средни претпријатија, државата станува инвеститор и партнер на компаниите. Тој информираше дека во 2018 година за програмата се наменети 645 милиони денари и даде детално објаснување за секоја од петте мерки со која ќе се овозможи помош за компаниите.

„Мерките ќе се реализираат преку јавни повици, три пати годишно, а компаниите ќе може да се пријавуваат во рок од 45 дена од денот на објавување. Во критериумите во однос на селекција на проектите кои ќе се финансираат ќе се анализирааат: степенот на иновативност, квалитетот на проектот, капацитетот на прокетниот тим  потенцијалот на пазарот, како  и влијанието на проектот врз општеството и животната средина “, потенцира Деспотовски.

Министерот за економија Бектеши објасни дека министерството дополнително на планот на економски раст, во 2018 година, ќе ја спроведува и Програмата за конкурентност, претприемништво и иновации каде што се наменети околу 38 милиони денари.

„Министерството за економија ќе спроведе 13 мерки преку оваа Програма, кои не се преклопуваат, туку се надополнуваат со мерките од Планот за економски раст. Со годинешниот буџет од 38 милиони и 390 илјади денари, само за делот на Поддршка на развојот на мали и средни претпријатија, и дополнителни 9 милиони за мерки на индустриска политика и кластери, усвоена е програма која е збогатена со нови мерки, креирани на барање и во корист на претприемачите. Тоа автоматски ќе значи и поголем број на мали и средни претпријатија кои можат да имаат бенефит од мерките. А бидејќи се тие основни двигатели на една економија, среќен сум што ќе придонесеме за раздвижување на економската база“, истакна министерот Бектеши.

Видео од обраќањата на вицепремиерот Анѓушев, министерот за економија Бектеши и директорот на ФИТР Деспотовски:

English
АКТУЕЛНОСТИ: