Вицепремиерот Анѓушев: Владата е силно посветена во борбата против секаков вид на корупција

28 март, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев се обрати на конференција во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на која беа презентирани „Наодите од следењето на работата на ДКСК“  и  „Извештајот за проценка на корупцијата“, кои произлегуваат од проект поддржан од амбасадата на Обединетото Кралство.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека корупцијата е појава која е негативна за секое општество и дополни дека кадешто почнува корупцијата, економијата завршува.

„Доколку сакаме да ја развиваме економијата, корупцијата мора да биде сузбиена. Токму заради тоа Владата е силно посветена на борба против секаков вид на корупција и постои консензус во Владата за нулта толеранција за корупција“, посочи вицепремиерот Анѓушев.

Тој истакна дека отвореноста и транспарентноста на Владата и на други органи на државна управа, особено во делот на давање на државна поддршка и трошењето на јавните пари, се чекор напред во напорите за сузбивање на корупцијата.

„Државната помош која се доделуваше беше непознаница за сите, ги обзнанивме тие податоци, а воедно креиравме сет на мерки кои ги нарековме План за економски раст, кои се јасни, транспарентни и важат еднакво за сите субјекти. Во насока на транспарентноста сите договори за јавни набавки на државните органи преку Бирото за јавни набавки се објавуваат на веб страницата на Министерството за финансии. Дополнително, Министерството за финансии драстично ја подобри транспарентноста на трошењето на народните пари, додека повратот на ДДВ се врши по автоматизам, без привилегии и приоритети, односно сите компании добиваат поврат навремено“, дополни Анѓушев.

Вицепремиерот нагласи дека борбата против корупцијата е процес на кој ќе биде посветено големо внимание, во оваа насока ги повика невладините организации да и помогнат на Владата со свои сознанија, додека ги охрабри стопанствениците и медиумите да не прифаќаат уцени и закани, за да се постигнат побрзи ефекти за намалување и сузбивање на корупцијата.

Видео од обраќањето на вицепремиерот Анѓушев

English
АКТУЕЛНОСТИ: