17 април, 2018 година
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев е на службена посета во Берлин, СР Германија, каде што на покана на германската Влада учествува на „Четвртиот Самит за енергетска транзиција и дијалог за обновливи извори за енергетска сигурност“.
Вицепремиерот Анѓушев вчера попладне се обрати на сесија на тема „Придонес на обновливите извори во енергетската сигурност“, при што ги истакна предностите и предизвиците со кои се соочува Република Македонија, како мала земја, кога станува збор за енергетика.
„Иднината на енергетиката е во обновливите извори. Клучниот предизвик е како да се развиваат енергетските капацитети од обновливите извори и притоа да се воспостави механизам со тоа да не се влијае врз цената на електричната енергија што ја плаќа крајниот корисник, додека дополнителен предизвик е како енергијата од обновливи извори да се избалансира во енергетскиот систем. Со новиот закон за енергетика во Македонија се воведува систем на „премии“ – модел кој поттикнува инвестиции и зголемување на учеството токму на обновливите извори“, потенцираше Анѓушев во своето обраќање
Тој дополни дека малите земји, кои произведуваат недоволно електрична енергија за сопствените потреби и мора да увезуваат електрична енергија треба да работат на енергетско поврзување со соседните и други земји и да воспостават транспарентни механизми за алокација на преносните капацитети.
Заклучокот на панелистите од попладневната сесија беше дека се потребни јасни правила, технологија и финансии за развој на капацитети од обновливи извори на енергија.
На самитот се присутни сите клучни министри и авторитети во енергетиката во Европа, помеѓу кои Марош Шефчовиц, словачки дипломат и Заменик-претседател на Европската комисија од 2014 година и Петер Алтмајер, Министер за економски прашања и енергија на СР Германија.
За време на Самитот, вицепремиерот Анѓушев оствари средби со повеќе министри за енергетика, учесници на настанот.