Вицепремиерот Анѓушев на посета во Тетово – Законот за финансиска поддршка на инвестициите овозможува поддршка за технолошки развој и пораст на конкурентноста

07 мај, 2018 година

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев денеска оствари работна посета во Тетово, каде што посети еден од производствените погони на компанијата Пофикс, којашто се занимава со производство на градежни материјали, а потоа учествуваше и на работен состанок на кој присуствуваа околу пеесет претставници од компании членки на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека минатата седмица во Собранието на Република Македонија беше усвоен Законот за финансиска поддршка на инвестициите со кој се овозможува поддршка на македонските компании кои имаат реализирано инвестиции во 2017 година, а преку кој се поттикнуваат нови инвестиции на компаниите во 2018 и во годините кои следат.

„Македонската економија мора да биде извозно ориентирана, а компаниите да освојуваат нови пазари. Токму преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, се поддржуваат инвестициски проекти на компаниите за технолошки развој, како и инвестициите во едукација и обука на професионален, компетентен кадар, кој ќе биде добро платен. Преку имплементација на Законот и реализација на Програмата за поддршка на малите и средни претпријатија на Фондот за иновации и технолошки развој, ќе ја подигнеме конкурентноста на компаниите и ќе обезбедиме услови за побрз развој на македонската економија, раст на стапките на бруто домашниот производ и нови подобро платени работни места за македонските граѓани“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

На состанокот кој се одржа во Бизнис центарот на Универзитетот за Југоисточна Европа, вицепремиерот детално ги презентираше мерките од Планот за економски раст, поделени во три столба. Притоа тој истакна дека Владата особен фокус при креирање на мерките посвети за поддршка на малите и средни претпријатија, кои може да ги користат мерките од трите столба на Планот, додека големите компании, нема да бидат во можност да ги користат мерките од третиот столб.

„Микро, малите и средни компании може да добијат 30% поврат од направените инвестиции, за нови машини или изградба на хали, како и за обука на вработените, а доколку инвестициите се реализирани за развој на нови иновативни производи, повратот на инвестицијата може да достигне до 70%. Веќе е објавен првиот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој на кој компаниите може да аплицираат“, посочи вицепремиерот Анѓушев.

На состанокот со претставниците на компаниите кои работат во Полошкиот регион се разговараше и за предизвиците и проблемите со кои овие компании се соочуваат при работењето, како и можни решенија за нивно брзо надминување.

Видео од изјавата на ЗПВРМ за економски прашања д-р Кочо Анѓушев за време на посетата на компанијата Пофикс во Тетово:

English
АКТУЕЛНОСТИ: