7 јуни, 2018 година
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, денеска со свое обраќање го отвори Македонскиот енергетски форум во Струга.
На форумот, во организација на амбасадата на САД во Република Македонија, Владата на Република Македонија, ЗИП Институтот и АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), пред присутните претставници од компаниите од енергетскиот сектор се обрати и амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли.
Вицепремиерот Анѓушев во своето обраќање истакна дека со новиот Закон за енергетика, кој стапи на сила од вчера, освен што се исполнуваат обврските од договорите со енергетската заедница на патот кон присоединувањето кон Европската Унија, се создава и повеќе простор за работа на сите енергетски компании да работат и да стопанисуваат на пазарна основа.
„Со овој закон се овозможува конкурентноста на енергетскиот пазар, што е чекор кон праксите на западните земји каде пазарот на енергенси е целосно либерализиран и се создаваат еднакви услови за настап на пазарот, а конечната придобивка ја имаат граѓаните на Република Македонија“, рече вицепремиерот Анѓушев.
Осврнувајќи се на енергетските параметри на Република Македонија, тој посочи дека новиот Закон за енергетика создава можности за поефикасно производство на електрична енергија од обновливи извори.
„Државата создава услови да ги намали инвестиционите трошоци на инвеститорите и ќе ги заврши сите државни работи во делот на урбанизацијата и пренамената на земјиштето за да биде подготвено за инвеститорите со крајна цел да се произведуваат 200 мега вати фотоволтаици“, рече вицепремиерот Анѓушев, и дополни дека 200 мегавати инсталирана електрична енергија е повеќе од сè што е инсталирано во земјата во последните 15-20 години.
Говорејќи за македонските енергетски производни капацитети, Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев ја подвлече заложбата на Владата на Република Македонија, да го стави во функција комбинатот Осломеј и да го зголеми капацитетот на производство на најголемиот производител на струја во земјава, РЕК Битола, во соработка со менаџментот на ЕЛЕМ.
Вицепремиерот го поздрави домаќинско менаџирање на ЕЛЕМ и одличните резултати кои овозможија АД ЕЛЕМ за само една година да ја намали цената на производството од 41 евро на 38 евра за еден мегават.
За креирањето на Законот за енергетика, Вицепремиерот посебно се заблагодари на соработката со USAID и амбасадата на САД во Република Македонија.
„Многу пати USAID покажа дека е пријател на Македонија, и дека комплетно ги поддржува политиките на нашата земја, посебно економијата“, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Во делот на форумот посветен на новинарски прашања, Директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, истакна дека ЕЛЕМ во три аукции од почетокот на оваа година оствари приход од 8,7 милиони евра од продажба на вишоци на електрична енергија. Ова домаќинско работење, нагласи Миновски, овозможува овој приход да биде вложен во нови инвестиции во енергетските проекти на компанијата во интерес на граѓаните во нови ветерни и фотоволтаични електрани. Тој најави и модернизација и одржување на постоечките енергетски капацитети со цел стабилност на домашното производство на електрична енергија.