Вицепремиерот Анѓушев: За првпат се креирани мерки за поддршка на транспарентни основи и со исти критериуми за сите компании

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев на денешната прес конференција во Владата се осврна на сите прашања во врска со начинот и постапката на доделување на државна поддршка на македонски компании преку мерките од Планот за економски раст, во насока на транспарентно и целосно информирање на јавноста за процедурите.

Вицепремиерот нагласи дека за првпат во историјата на Република Македонија, со мерките од Планот за екномски раст, се овозможува поддршка на македонските компании, поставена на транспарентни основи, со фер и исти критериуми за сите фирми. Тој истакна дека овој процес заслужува шанса и дека во таа насока почитувајќи ја сензитивноста на јавноста, ќе влијае компаниите во коишто тој е мнозински акционер да не ги користат мерките за поддршка од Планот за економски раст.

„За развојот на економијата основа се владеење на правото и политичката стабилност на земјата. Владеењето на правото е нешто што лично го поддржувам и сметам дека сите проекти коишто ги реализира Владата треба да се под будното око на јавноста и медиумите. Првпат во државата се креирани трансарентни мерки, со јасни и исти критериуми и процедури за сите компании во земјата, без да никој мора да се договара за државна помош во министерските кабинети во четири очи “, посочи Анѓушев и ги повика медиумите да се консултираат со стопанствениците дали се задоволни од донесените мерки.

Анѓушев  посочи дека од првиот ден на позицијата вицепремиер транспарентно  на јавноста и го презентирал анкетниот лист и се што поседува и додаде дека во согласност со Законот за конфликт на интереси се повлече од сите управувачки функции во компаниите во кои има удел, а воедно ја продаде компанијата ЕДС. Потенцираше дека поради сензитивноста на јавноста, која се создаде во изминатите 10 години, за време на претходната Влада, ќе влијае компаниите во кои има мнозински удел да не ги користат мерките за финансиска поддршка на државата.  

„Моите партнери во компанијата Каст Инвест, кадешто поседувам 16% од капиталот, пројавија разбирање и се согласија, и покрај тоа што нема законски пречки, да се откажат одгрантот кој фирмата го доби од Фондот за иновации и технолошки развој, за реализација на нов инвестициски проект. Воедно и партнерите од компанијата Брако, се согласни дека нема да аплицираат за исплата на финансиска поддршка согласно Законот, иако фирмата ги задоволува критериумите“, појасни Анѓушев и додаде дека на некој начин компаниите во кои тој има удел иако ги исполнуваат сите законски критериуми, поради неговата функција во Владата ќе бидат дискриминирани во однос на останатите компании.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека ниту помислил, ниту влијаел на одлуката некоја од компаниите да добие државна поддршка и ја поздрави најавата на Основното јавно обвинителство да покрене постапка по допрен глас.



Линк до видео од прес конференцијата на ЗПВРМ за економски прашања д-р Кочо Анѓушев:

English
АКТУЕЛНОСТИ: