Вицепремиерот Анѓушев: Рекорден индустриски раст од 12,1% во јуни

31 јули, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев на денешната прес конференција во Владата ги презентираше податоците за индустрискиот раст забележан во јуни, кој е најголем раст забележан за еден месец во 2018 година.

„Индустрискиот раст во јуни во 2018 споредено со јуни 2017 година, бележи раст од 12,1 процент и тоа е максимален индустриски раст забележан во претходните години. Ова покажува дека мерките кои владата ги прави се исклучително стабилни, мерките се на долг рок и тие даваат резултати“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Индустрискиот раст во првото полугодие на 2018 во споредба со истиот период лани бележи пораст од 5%. Растот на индустриското производство во јуни од 12,1% е резултат на порастот во повеќе индустриски гранки. Тој се должи на пораст во енергетика од 12,3%, во капиталните производи од 34,2%, растот кај трајните производи за широка потрошувачка од 20,1 %, преработувачка индустрија 14,1%, производство на текстил 13,8%, производство на хемикалии и хемиски производи 19,4%, производство на метали 49,9 % раст, производството на фабрикување метални производи освен машини и опрема 182,3%, производство на компјутерски, електронски и оптички производи пораст од 24,7%, кај производството на електрична опрема раст од 16,6 %, производство на машини раст од 9,9%, во производство на моторни возила, приколки и полуприколки забележан е напредок од  50,7 %, кај производство на мебел 30,8 %, додека кај производство на останата индустрија има забележителен раст од 12,3%.

„Сите овие сектори имаат значителен раст и придонес во целокупната индустрија. Сето тоа придонесува и за останатите параметри да бидат позитивни, како зголемување на просечната плата која во мај 2018 во споредба со истиот месец лани бележи раст од 7,1 % и изнесува 24.509 денари, што е одраз на растот во индустријата. Воедно бележиме сериозен раст од извозот од Македонија кон другите држави и тоа 14,1 % во период од јануари мај 2018 година, споредено во истиот период од 2017 година“, појасни Анѓушев.

Вицепремиерот нагласи нагласи дека денес презентираните податоци ја покажуваат стабилната економска политика на владата која се имплементира. Тој истакна дека е потребно трпение и време кај граѓаните, а резултатите ќе дојдат.

„Нема веќе непродуктивни трошења, нема нефокусирани и измислени проекти. Има само проекти кои треба да доведат во нормала и проекти кои даваат и ќе даваат резултати. Требаше да се осмисли владината политика во делот на економијата, a  преку имплементацијата на Законот за финансиска поддршка и Среднорочната програма за поддршка на мали и средни претпријатија резултатите неминовно ќе дојдат“, потенцираше Анѓушев.


English
АКТУЕЛНОСТИ: