17 август, 2018 година
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев и директорот на дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Александар Младеновски реализираа работна посета во Сојузна Република Германија и во Република Чешка кадешто посетија два производствени погони на компанијата Герешајмер и остварија повеќе средби со менаџментот на оваа германска компанија, лидер во производството на пластични и стаклени производи за потребите на медицинската и фармацевтската индустрија.
Вицепремиерот Анѓушев и директорот Младеновски за време на посетата во детали ги презентираа можностите за инвестирање во Република Македонија и мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции, со цел да ги убедат членовите на менаџментот да донесат одлука новата планирана инвестиција да ја реализираат токму во Република Македонија,
„Герешајмер е глобален лидер во производство на пластични и стаклени компоненти кој соработува со најголемите медицински и фармацевтски компании како AstraZeneca, GSK, Roche, Novo Nordisk и други. Иницијалните контакти со оваа компанија се направени пред околу 8 месеци, а за време на дводневната посета разговаравме со членовите на менаџментот на оваа компанија нивната нова инвестиција да ја реализираат во некоја од технолошко-индустриските зони во нашата земја. Посветени сме во реализацијата на овој проект, освен што би се вложиле значителни средства во изградба на производствена хала и набавка на опрема, процесот на производство е на највисоко технолошко ниво на развиеност, со што се отвора можност за вработување на млади и едуцирани кадри од техничките струки“, нагласи Анѓушев.
Компанијата Герешајмер има производствени капацитети во 15 земји во Европа, Азија, Северна и Јужна Америка, а согласно деловниот план на компанијата во периодот кој следи планираат отворање на уште една фабрика, која би можела да биде лоцирана и во Република Македонија.
„Ги разгледуваме можностите за реализација на новата инвестиција, во опција се две земји, помеѓу кои е и Република Македонија. Импресионирани сме од инфраструктурата во вашата земја, од условите во технолошко-индустриските зони, како и од посветеноста на Владата да ја направи Македонија успешна приказна. Очекуваме во последниот квартал од 2018 година, бордот на компанијата да донесе одлука за инвестицијата“, рече членот на бордот на директори на медицинскиот одел на Герешајмер, г-дин Оливер Бургел.
Дирекцијата за технолошко-индустриски зони изминатиот период оствари интензивна комуникација со претставниците на компанијата при што се презентирани сите можности за инвестирање и можни локации.
„Планот за економски раст е најконкурентен во регионот, а тоа го покажавме изминативе неколку месеци со новите инвестиции во технолошко–индустриските развојни зони. Се надевам дека и компанијата Герешајмер ќе ги препознае можностите и до крајот на годината ќе донесе одлука да инвестира во Македонија“, подвлече директорот на ДТИРЗ Младеновски.
Компанијата Герешајмер во моментов управува со околу 50 производствени капацитети во 15 земји, во кои работат околу 10.000 лица, а остварува годишен приход околу 1,3 милијарди евра.