Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со економскиот тим министри во Владата денеска на прес конференција ги презентираа параметрите на раст на БДП кој во вториот квартал оваа година изнесува 3.1%.
„Македонската економија расте и се стабилизира на долг рок. Тоа е убава вест.Во вториот квартал од 2018 година растот на БДП достигна 3.1 % што претставува значајно забрзување на економскиот раст во овој период од годината. Согласно позитивните резултати што ги имаме на економски план, нашите очекувања се дека до крајот на годината ќе успееме да ја постигнеме проектираната годишна стапка на раст на БДП од 3.2%“, порача премиерот Заев.
Во своето обраќање Вицепремиерот Анѓушев истакна дека проектите домаќински се доведени во ред и ќе продолжат да се реализираат штитејќи го интересот на граѓаните на Република Македонија, но со големи заштеди и на начин којшто нема да креира виртуелни и фиктивни бројки, туку реален резултат.
„Градежните проекти ги ставаме во колосек. Главните градежни проекти коишто го прават волуменот на работите во државата се неколку, автопатиштата Кичево – Охрид, Миладиновци – Штип и новите автопатиштата коишто почнаа да се градат, на западниот и на источниот дел, железницата кон Бугарија, гасоводот кај што треба да продолжи да се гради. Во овие проекти има милијарда евра и тоа се проектите коишто треба да го задвижат и градежништвото и со нивното внесување, домаќински на нормално ниво, очекуваме бројката од 3,1% да порасне бидејќи нема да има веќе ниту еден фактор којшто ќе ги движи бројките во негативна насока“, изјави вицепремиерот Анѓушев, кој посочи на зголемениот интерес и на странските и на домашните инвеститори, на интензивирањето на индустриските активности, како и на тоа дека ќе има дополнителен пораст на интересот во овие сфери само со успешен референдум и припојувањето на нашата држава кон НАТО и ЕУ.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски даде поопширен осврт кон очекуваните ефекти врз економијата од остварените позитивни економски резултати.
„Наплатата на даноците покажува интензивирање на економската активност. За 7,4 милијарди денари или 120 милиони евра е повисока наплатата на даноци и придонеси заклучно со август. Ова значи поголема активност на фирмите, повисоки плати и нови работни места“, посочи министерот Тевдовски.
Тој укажа на фактот дека обврските се покриваат редовно. Повратот на ДДВ кон фирмите е навремен и неселективен, и декаод почетокот на годината до крајот на август, во стопанството се вратени 15,38 милијарди денари преку поврат на ДДВ.
„Во август имавме извршено најголем поврат во последните години, во износ од 2,7 милијарди денари. Со обезбедување на ликвидност на фирмите, се поддржуваат нивните тековни, но и инвестициски активности. Во овој период се забележува поголема инвестициска активност на компаниите. Имено, ако се анализира увозот, во периодот од јануари-јули 2018, најголем раст од 19,7% се забележува кај секторот машини и транспортни уреди. Овој податок укажува на раст на инвестициите на фирмите во основни средства. Тоа ќе придонесе за раст на економската активност и во иднина, поголемо производство и нови работни места“, соопшти министерот Тевдовски на заедничката прес конференција со Претседателот на Владата на РМ Заев, со Заменик претседателот во владата задолжен за економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски