Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев и министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, придружувани од градоначаланикот на Свети Николе, Сашо Велковски, реализираа работна посета на општината при што ги посетија производствените капацитети на компаниите БИМ и МИК, едни од поголемите индустриски погони кои успешно функционираат во овој крај.
Компанијата БИМ е една од стотината компании кои согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите имаат потпишано договор за државна помош, кој се однесува на реализирана инвестиција во технолошки развој и бизнис планот за развој на компанијата.
„Законот за финансиска поддршка на инвестиции е создаден да го поттикне технолошкиот развој на македонските компании, преку воведување на нови производствени процеси, односно набавка на нови машини и опрема. Лично се уверив во инвестицијата која ја реализирала компанијата БИМ, која е инвестиција во нова технологија со што се зголемува продуктивноста во производството, а продуктивноста ја зголемува конкурентноста, што е пак неопходна на македонската економија за да биде конкурентна на меѓународните пазари и да се зголеми извозот“, подвлече Анѓушев.
Сопственикот на БИМ, го поздрави донесувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кадешто домашните и странските инвеститори се изедначени и имаат исти можности за добивање на државна поддршка.
„По донесување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, многу компании почнаа да размислуваат за зголемување на инвестициите. Со новата инвестиција ја подобруваме продуктивноста, ја олеснуваме работата на вработените и ја зголемуваме конкурентноста на компанијата на пазарот“, истакна сопственикот на БИМ Свети Николе, Стојанче Стојанов.
Вицепремиерот Анѓушев, по посетата на компанијата МИК Свети Николе истакна дека времената мерка за ослободување на царинската давачка за увоз на смрзнато свинско месо, воведена од Владата, дава позитивни резултати за развојот на домашната месна индустрија. Тој додаде дека со воведување на оваа мерка во изминатиот период, производството на ниво на месна индустрија бележи зголемување за 30%, додека извозот има раст од дури 60%.
„Долги години месната индустрија се соочуваше со проблемот на неконкурентноста на производствени капацитети и на домашниот, но и на странските пазари. Со воведување на мерката за ослободување на дел од царинските давачки за суровини за оваа индустрија, Владата директно придонесе за раст и развој на индустријата. Добар дел од капацитетите беа пред затворање или беа затворени, во вистински момент ја воведовме мерката, а денес во МИК Свети Николе и лично се уверив дека мерката има позитивен импакт во нивното работење“, нагласи вицепремиерот.
Гоце Трајчев, управител на МИК Свети Николе и претседател на Групацијата на месопреработувачите, истакна дека функционирањето на компанијата пред донесувањето на времената мерка било доведено во прашање и нагласи дека мерката е од особена корист и за оваа компанија, но и за други компании од истата индустрија.
„Благодарност до Владата што се зафати со решавање на реалните проблеми на месопреработувачката индустрија, кои се влечат со години. За спроведување на оваа мерка, месопроизводителите преземаа одредени обврски и тоа придонесе и до поголема застапеност на домашни производи во македонските маркети, зголемување на вработеноста, повисоки плати во индустријата, како и извоз на готови производи“, изјави Трајчев, и дополни дека оваа индустрија ќе побара продолжување на времената мерка во насока на развој на месната индустрија.
Градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски оцени дека Владините политики даваат резултати на локално ниво, за развој на компаниите во регионот и додаде дека очекува спроведувањето на политиките да продолжи во иста насока, со цел да се отворат и нови индустриски капацитети, што дополнително ќе влијае на намалување на невработеноста и зголемување на стандардот на македонските граѓани.
Вицепремиерот Анѓушев и министерката Апостолска посетата на Свети Николе ја заокружија со средба со бизнис секторот од општината, на која ги слушнаа предлозите за подобрување на економските политики, како и предизвиците со кои се соочуваат.
Изјава од вицепремиерот Анѓушев, градоначалникот на Свети Николе Сашо Велковски, сопственикот на компанијата БИМ Стојанче Стојанов и управителот на МИК Гоце Трајчев можете да погледнете на следниот линк: