Во врска со прес конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски одржана на 10-ти октомври 2018 година, преку која повторно се врши обид за нарушување на угледот на вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев би сакале да ја информираме јавноста за следното:
Процесот на продажбата на компанијата Energy Delivery Solution (EDS), иако станува збор за 100 % приватна компанија, беше извршен потполно транспарентно, при што јавноста беше правовремено известувана за продажбата уште oд самиот почеток.
Воедно би сакале да информираме дека на процесот на продажба претходеше проценка на компанијата извршена од три реномирани меѓународни ревизорски куќи (Ernst & Young, Baker Tilly, Grant Thornton), по што беше формирана цената за продажба. Сите коментари за продажба на EDS, што се врзуваат во политички контекст се апсолутно неосновани и неточни, односно истите претставуваат потполни невистини.
Во однос на средствата кои се исплатени за купопродажба на компанијата, ВМРО-ДПМНЕ повторно креира произволни тврдења, кои се далеку од вистината. Би сакале да ја информираме јавноста дека 90% од компанијата ЕДС беше лична сопственост на д-р Кочо Анѓушев, додека останатите 10% беа во сопственост на групацијата Фероинвест. Согласно позитивните законски прописи кога се продава удел во компанија кој е во лична сопственост на физичко лице, купопродажната цена се префрла на лицето кое е сопственик на уделот.
Очигледен е обидот на ВМРО-ДПМНЕ, наместо со идеи, со гола политика и лажни конструкции да се обиде да го наруши угледот и да се обиде да ги контаминира политиките на Владата. Ова нема да им успее.
Правото на критика и јавен говор е законски загарантирано право, доколку е поткрепено со соодветни аргументи. Бидејќи во прес конференциите на партијата наместо факти слушнавме произволно изнесени неточни тврдења, ќе бидат преземени сите правни механизми, вклучувајќи и евентуална судска заштита, во насока на зачувување на личноста и интегритетот на потпретседателот на Владата.