По една година преговори помеѓу Владата на Република Македонија и кинеската компанија Синохидро, главниот изведувач на работите на автопатската делница Кичево-Охрид, денес на Владина седница е усвоeн анекс договорот бр. 3, преку кој се финализираат преговорите и се изнајде решение за сите проблеми наследени од претходната Влада.
Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев на прес конференција на која беа претставени детали како понатаму ќе се одвива изградбата на автопатот, истакна дека преку напорни преговори Владата успеа да договори многу пониски цени за дополнителните работи на автопатот Кичево-Охрид, при што ќе се заштедат 95 милиони евра од буџетот на Република Македонија.
„Денес на Владина седница го усвоивме третиот анекс на договорот за автопатот Кичево-Охрид со кој се дефинитивно се решаваат сите проблемиво градењето и со кој очекуваме интензивно да продолжи изградбата на автопатот. Бевме соочени со веќе потпишан договор, кој беше со потешкотии во своето функционирање. Имавме две можности, едната да се прекине изградбата, со што ќе бевме приморани да ги вратиме средствата кои веќе беа потрошени за проектот, да останеме без автопат, како и да платиме сериозни пенали поради лошиот проект кој беше усвоен од претходната Влада. Втората можност беше да се продолжи со изградбата на автопатот, но претходно да се доведе во технички и финансиски исправна состојба, за која се одлучивме како Влада“, започна Анѓушев.
Согласно цените кои се наведени во основниот договор, вицепремиерот појасни дека вкупниот износ за дополнителни и непредвидени работи ќе изнесуваше 282 милиони евра, додека во процесот на преговарање беа постигнати значително пониски цени, чија вкупна вредност сега изнесува 187 милиони евра, или заштеда од 95 милиони евра, со намалување на цените.
„Само во деветте најзначајни позиции за изведбата на автопатот, кога ќе се споредат старите и новите цени, се доаѓа до заштеда од 60,2 милиони евра. Дека автопатот не бил добро испроектиран докажуваат повеќе проблеми. Еден од главните проблеми беа косините, кои за да бидат изведени согласно геолошките услови потребни се дополнителни работи на околу 30 километри од патот и дополнителни трошоци од околу 70 милиони евра. Друг голем проблем беше тунелот, кој според планот требаше да се работи во карпа, штое реално полесно за изведување, додека ситуацијата на теренот покажа дека треба дасе работи во земја од категорија 5 и 6. Тоа значи дополнителни зафати на 4 километри, метални конструкции, дополнителен бетон и челични потпори. На автопатот, просто да не се поверува, не беше планирана ниедна клучка, сите беа испуштени, значи мораше да се испроектираат 9 клучки, чија вредност изнесува околу 33 милиони евра. Ги оптимизиравме трошоците за да ги приклучиме сите населени места и аеродромот во Охрид на автопатот“, нагласи Анѓушев.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески истакна дека оваа Влада ниту ја договараше изградбата, ниту го избра изведувачот, ниту ја згреши проектната документација, во вакви околности беше принудена, народски кажано, да вади “костени од оган”. Тој подвлече дека Владатасторила се што било во нејзина надлежност за да сезаштитат интересите на граѓаните.
„Мораше сериозно да пристапиме кон решавање на овие проблеми и конечно да добиеме квалитетни решенија со кои ќе го изградиме овој автопат по стандарди како што налага градежништвото. Со Анексот што помина на денешнава седница и набрзо ќе се најде и во Собрание, изведувачот се согласува да изгради 9 клучки кои претходно не беа предвидени, како и алтернативен пат од Пресека до Арбиново како составен дел на овој проект. Исто така изведувачот ќе ги изведе и сите дополнителни работи во тунелот Пресека, сите пропусти за вода на целата траса, како и ископите за стабилизација на косините и санација на свлечиштето на целата траса. Откако овој Анекс ќе влезе во сила, Изведувачот има рок од 28 дена да изготви детална програма за работа според реалните услови на терен согласно договорените позиции“, нагласи Сугарески.
Министерот за финансии д-р Драган Тевдовски појасни дека согласно Законот за јавен долг, овој анекс треба да се усвои од Собранието, а потоа ќе се аплицира со барање за кредит до кинеската банка, а по позитивен одговор од нивна страна, Собранието преку усвојување на закон ќе го одобри ова задолжување. Тој потсети дека претходниот кредит од Ексим банка е со фиксна каматна стапка со 2%, со 20 години рок на плаќање и 5 години грејс период.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов истакна дека се она што се правеше изминатата година, требало да биде завршено уште претходно со основниот проект.
„Најважно е да продолжиме со градежните работи и уште повеќе да се ангажираат градежните компании. Следува напорен период на изградба и решавање на проектни задачи. Во поглед на експропријација на земјиштето, денес е решена 98% на постојната траса, може да ни се случат нови случаи на експроријации на дополнителните работи, но верувам дека ќе ги решаваме експедитивно“, додаде Китанов.
Вицепремиерот Анѓушев оддаде благодарност до вработените во Министерството за транспорт врски, Јавното претпријатие за државни патишта, како и на професорите од Градежниот факултет и австриската консултантска компанија IC Consulting, кои неуморно работеа за да биде постигнат овој договор.
Линк до видео од прес конференцијата: