Почитувани,
Во врска со прилогот „Алфа истражува: сомнителна цесија помеѓу компанијата на Анѓушев и Фени“, емитуван на ТВ Алфа на 7 ноември 2018 година, би сакале да Ве информираме дека Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев категорично ги демантира лажните вести произлезени од пласираните неточни информации во прилогот на ТВ Алфа и на порталот Лидер, како и на неколку други портали во врска со наплатата на долгот од Фени Индустри.
Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања целосно ги отфрла лажните пренесени информации и посочува дека компанијата ЕДС која во минатото беше во негова сопственост, нема земено ниту еден денар од УЈП, по основ на било каков долг од ФЕНИ.
Воедно нагласуваме дека компанијата никогаш нема започнато реализација на споменуваниот долг и не била никогаш ставена во редот на доверители во предстечајната постапка на ФЕНИ.
Договорот на кој се повикува ТВ Алфа е договор кој е склучен на 24.08.2017 пред надлежен нотар во Кавадарци. Истиот потоа е уредно регистриран на 29.08.2017 во Централниот регистар на РМ.
Компанијата ЕДС никогаш го нема наплатено споменуваниот долг. Начинот на уредување на односите во процесот на стечај на Фени и неговите доверители се дел од постапка во која Вицепремиерот Анѓушев нема никакви ингеренции и се спроведува согласно Законот за стечај.
Согласно новинарските стандарди, сметаме дека со емитување на овој прилог, во кој се изнесени низа на неточни информации и не се почитувани основни новинарски стандарди за добивање на информации од сите засегнати страни, е извршно грубо кршење на новинарскиот кодекс и се прави намерен обид за нарушување на угледот на вицепремиерот, како и на Владата на Република Македонија.
Ова е веќе втор пат, за многу кус период, како ТВ Алфа, емитува тенденциозни прилози за Вицепремиерот, без релевантни информации и докази, со што сериозно го нарушува угледот и репутацијата на самата телевизија.
Вицепремиерот Анѓушев и Владата на Република Македонија бараат јавно извинување за објавениот прилог во истиот термин и формат (вести) каде е емитуван прилогот.
Објавата на овој демант ќе се смета за целосна вклучувајќи го и јавното извинување прочитано во целост и во форматот во кој е емитуван прилогот - во вестите на ТВ Алфа.
Доколку не биде извршена објава на овој демант и не биде објавено јавно извинување, ќе бидат преземени сите правни механизми за зачувување на интегритетот на Заменик претседателот на Владата д-р Кочо Анѓушев и Владата на Република Македонија.