Вицепремиерот Aнѓушев на средба со стопанственици од Кавадарци – Владата е посветена на развој на компаниите и раст на економијата

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, денес во Кавадарци, оствари средба со триесетина стопанственици од овој регион, каде презентираше дел од програмите на Владата за поддршка на бизнис секторот и ги слушна потребите на бизнисмените.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека преку средби со бизнисмените изминатата година, Владата детектираше три главни предизвици за раст на економијата: раст на конкурентноста на македонските компании на меѓународни пазари, намалување на административни постапки за бизнис секторот, како и обезбедување на квалитетен кадар за потребите на стопанството.

„За поддршка на стопанството, Владата во 2018 година обезбеди рекордни средства од буџетот во висина од над 30 милиони евра, кои се реализираат преку неколку економски програми. Оваа година за првпат почнавме да ги имплементираме мерките од Планот за економски раст, кој се реализира преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите и Програмата за поддршка на мали и средни претпријатија на Фондот за иновации и технолошки развој. Станува збор за транспарентни мерки, достапни за сите компании, домашни и странски, со исти критериуми за сите. Токму овие мерки ја подобруваат конкурентноста на македонските компании. Преку мерките кои произлегуваат од Законот, Владата овозможува поврат од 10% од инвестицијата, како и дополнителни 10% доколку станува збор за извозна компанија и 20% поврат од исплатена нето плата за ново вработени лица, доколку станува збор за плати над 18.000 денари. Преку Фондот за иновации и технолошки развој, се овозможува уште посилна поддршка, која пред се однесува на технолошка експанзија на компаниите. Преку мерките на Фондот, се овозможува поврат до 30% од средствата инвестирани во нова технологија, како и поврат до 70% од инвестицијата во иновативни проекти, односно проекти за интервенции во технолошките процеси за подобрување на продуктивноста на компаниите“, започна Анѓушев.


Вицепремиерот се осврна и на Владините политики и програми со кои ќе се намалат административните процедури и ќе се влијае на намалување на невработеноста од една страна, како и обезбедување на квалитетен кадар за потребите на стопанството од друга страна.

„Мораме да ги намалиме административните процедури за компаниите, особено во постапките за јавни набавки и јавни повици. Треба системски да се пристапи на проблемот и документите кои може самите институции да ги разменат, да се олесни на компаниите во тој процес. Во однос на мерките за намалување на невработеноста, како и за креирање на квалитетен кадар, Владата започна со донесување на Закон за практиканство, со кој се овозможува легално извршување на пракса во компаниите на лица до 29 години, со соодветен надоместок. Воедно започна проектот за дуално образование, односно учење преку практична работа во компаниите. За да се реши проблемот со потребите  на кадар во компаниите, се планира на локално ниво да се детектираат сите невработени лица на ниво на општина, како и потребите за вработени во компаниите во општините, а потоа преку процес на преквалификација, да се обучат кадри за потребите на компаниите и да се намали невработеноста во државата“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот Анѓушев ги повика стопанствениците активно да инвестираат, да работат на технолошки развој и максимално да ги користат мерките за поддршка на Владата во насока на побрз економски развој на Република Македонија.
 

Линк до видео од обраќање на вицепремиерот Анѓушев на состанокот:

English
АКТУЕЛНОСТИ: