Николовски и Анѓушев од работниот состанок на Министрите за Земјоделство од ЈИЕ: Со јакнење на регионалната соработка до поконкурентни производи и зголемен извоз на меѓународните пазари

Македонија од оваа година го презема претседателството со Секретаријатот Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG). Ова денеска и официјално беше соопштено на годинешниот 12-ти работен состанок на Министрите за земјоделство од Југоисточна Европа, кој што се одржува во Струга, а домаќин е македонското Министерство за земјоделство,шумарство и водостопанство. 


На конференцијата учествуваат ресорните министри и потпретседатели на Владите на  Босна и Херцеговина и   Црна Гора, министерите за земјоделство на Бугарија, Словенија, Албанија,заменик министерот од Косово,  државни секретари од Србија, Хрватска, Унгарија, претстваници од министерствата од Германија, Чешка, како и претставници од Европската комисија, Организацијата за храна и земјоделство и ГИЗ. 

Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека целта на оваа конференција е да се потенцира важноста на регионалната соработка, од која што бенефит ќе имаат економиите вклучително и земјоделството на земјите од ЈИЕ.
„Нашите заеднички аспирации на целиот регион  се во насока на засилена регионална  соработка во делот на размена на искуства  особено во делот на евроинтеграциите кон кои се стреми македонската Влада, посебно во делот на искористеноста на ИПАРД фондовите. Денеска исто така  ја потврдивме и поддржавме нашата иницијатива за регионална трговија која што подразбира нови брзи зелени линии во делот на транспортот особено на земјоделските производи во регионот, што е од голема важност за земјите од ЈИЕ.  Како земја која се стреми да напредува во процесот на интеграција во ЕУ и  кон креирање ефикасна земјоделска политика, подобрувањето на организациската и оперативната основа ни се повеќе од потребни. За мојата земја, која се подготвува за претстојниот процес на преговори, оваа заедничка регионална аналитичка работа е од исклучителна важност“, изјави министерот Николовски.
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев на свеченото отворање на конференцијата  потенцираше  дека земјоделството е особено важна гранка за економијата и затоа  Владата е посветена на развој на секторот посебно кон вклучување на младите во овој сектор.
 
„Земјоделството мора да се осовременува. Потребна е нова, современа механизација, да се користат модерни технологии и да се користат најновите научни методи во земјоделството, во насока на раст на оваа гранка. ИПАРД програмата, со поддршка од ЕУ, помага во голема мера за развој на земјоделието, а во  2018 година за оваа програма се наменети 10 милиони евра. Сепак сметам дека ова не е доволно, а со пристапување на Република Македонија кон ЕУ, очекуваме да се зголеми поддршката од ЕУ со пристап до фондовите. Впрочем, искуствата кажуваат дека земјите кои пристапуваат во ЕУ, имаат поголем пристап до финансиски средства од ЕУ фондовите од 7-10 пати“, нагласи Анѓушев.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека клучно за развојот е земјите од регионот пред да  станат дел од ЕУ, најпрво да научат поефективно и поефикасно регионално да соработуваат, што значи и практично отстранување на административните бариери и усогласување на лиценците,  дозволите и другите потребни документи кои би важеле во сите земји порача Анѓушев.
Учесниците се согласија дека земјоделството и руралниот развој се важни за регионот и посветено ќе работат на развивање и јакнење на регионалната соработка. Потпретседателот на Владата и министер за земјоделство и рурален развој во Владата на Црна Гора,  Милутин Симовиќ нагласи дека за регионалната соработка која се однесува на одржлив раст и економски просперитет во Југоисточна Европа од особена важност е стабилноста, бидејќи без стабилност нема ни развој на општеството, ниту на земјоделството, ниту пак рурален развој.
Заменик претседавачот во Советот на министри на БиХ, Мирко Шаровиќ, изјави дека со одржување на овој состанок се докажува дека земјоделството и развојот на руралните средини се исклучително важни прашања за целиот регион.

Министерката за земјоделство, шумарство и храна на Република Словенија, Александра Пивец потенцираше дека земјите од регионот на Западен Балкан сé уште се многу важни трговски партнери за словенечката прехранбена индустрија, а напорите за отстранување на трговските бариери се од најголема важност за двете страни.  
На конференцијата присуствуваа и претставници од  Генералниот секретаријат за земјоделство и рурален развој на Европската комисија. Директорот за стратегија, поедноставување и анализа на политиките во Европската комисија, Тасос Ханиотис, во својата презентација истакна дека не само во европски, туку и во светски рамки ќе има потреба од поголеми промени, бидејќи ќе има поголема побарувачка за храна, поради што е потребно да се посвети внимание на  истражувања и пренесувањето на знаење за земјоделците.  
Денеска учесниците на конференцијата ќе потпишат Декларација за "Регионална Соработка за Одржлив развој и Економски Просперитет во Југоисточна Европа" (ЈИЕ), која  претставува ново-управувана рамка во конципирањето на еден насочен пристап кон земјоделството и руралниот развој и ја насочува визијата за регионална соработка во однос на заедничкиот економски раст и просперитет во регионот

English
АКТУЕЛНОСТИ: