Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, во присуство на поголемиот дел на министри од економските ресори во Владата одржа прес конференција на која презентираше дел од буџетските ставки кои се однесуваат на економски развој на Република Македонија.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека буџетот за 2019 година е креиран на реални основи, кои се базираат на проектиран раст на Бруто домашниот производ од 3,2% и намален буџетски дефицит од 2,5%.Во 2019 година се наменети 37% повеќе средства за економски развој во однос на претходната година и со ова јасно се покажува дека Владата во оваа година ќе биде силно посветена на економски раст и развој во Република Македонија.
„Очекуваме раст на бруто инвестиции на реални основи од околу 4,2% и рекордно ниво на капитални инвестиции од 26,2 милијарди денари. Очекуваме стапката на невработеност да падне на рекордно ниско ниво под 20%, а очекуваме и раст на платите од 4,5%“, нагласи вицепремиерот.
Анѓушев додаде дека во програмата за економски развој, планирани се рекордни средства од 4,1 милијарди денари, од кои највисоки досега 1,1 милијарда денари за поттикнување на вработувањето, како и рекордни 720 милиони денари за финансиска поддршка за инвестициите, преку мерките од Законот кој почна да се имплементира оваа година. 700 милиони денари се планирани за привлекување на странски инвестиции и развој на слободни економски зони, кои се наменети за оние компании кои склучија договори за државна помош изминатата година, но и нови инвестиции.
„Испроектирани се 520 милиони денари за Фондот за иновации и технолошки развој, кадешто се планирани 203% повеќе средства за поддршка на мали и средни претријатија, како и за стартапкомпании, односно за поддршка на претриемништвото кај младите луѓе. Во 2018 година за првпат се овозможи позначителна поддршка за овој тип на компании, а наша цел е да продолжиме со стимулирање на малите и средни компании да се развиваат, да добијат позначително место во економијата. За развој на технолошко-индустриските развојни зони се наменети 475 милиони денари, со кои ќе се работи на доизградба и докомплетирање на зоните“, се надоврза на претходно кажаното вицепремиерот.
Тој додаде дека за поддршка на инвестициони вложувања се планирани 430 милиони денари, 187 милиони се распоредени за унапредување на деловни активности и дополнителни 41 милион денари за поддршка на развојот на мали и средни претријатија преку посебна програма на Министерството за економија. Единствена ставка во буџетот која веќе две години забележува тенденција на пад, е онаа наменета за економска промоција и оваа година за таа намена се планирани само 8 милиони денари.
Во однос на структурата на капиталните инвестиции, Анѓушев појасни дека во вкупниот предвиден буџет за оваа намена, 5,2 милијарди денари се за патна и железничка инфраструктура, планирани се 44% повеќе средства во однос на 2018 година за железничка инфраструктура, 80% повеќе средства за проекти поврзани со гасификацијата, како и 3,3 милијардни денари за инвестиции во рурален развој.
Вицепремиерот потенцираше дека во 2018 година македонската економија се стабилизираше, наследените градежни проекти, кои беа со проблеми, беа доведени во нормална техничка и финансиска состојба. Тој дополни дека економските индикатори можеа да бидат подобри, но во тој случај ќе требаше да се продолжи со реализација на проекти кои беа несоодветно осмислени и планирани, што на крајот ќе се одразеше негативно на граѓаните. Владата не беше фокусирана на создавање на бројки кои ќе презентираат виртуелен раст на економијата, туку на домаќинско работење и со посветеност успеа да ги нормализира работите, особено во изградбата на двата капитални проекти за изградба на автопатите, кадешто успеа да испреговара за 33-35% пониски цени за изведба и да се заштедат 95 милиони евра за Република Македонија.
Анѓушев заклучи дека проектираниот раст е реален, при што подвлече дека се надминати проблемите со кои Владата се соочи на автопатските делници, се градат неколку експресни патишта, се надминуваат проблемите наследени на проектите за изградба на железничката пруга кон Бугарија, гасификацијата се одвива со интензивно темпо, а во периодот кој следи се планираат и повеќе енергетски проекти за повисоко ниво на учество на обновливи извори на енергија и стабилност на електро енергетскиот систем.
Линк до видео: