Вицепремиерот Aнѓушев и министерот Бектеши на Парламентарниот пленум на Енергетската заедница – Законот за енергетика овозможува инвестиции со кои ќе се зголеми учеството на енергијата од обновливи извори

Во рамките на претседавањето со Министерскиот совет на Енергетската заедница во 2018 година, денес во Собранието на Република Македонија се одржа Состанок на Парламентарниот пленум на ЕЗ, со кој претседаваше пратеникот Хари Локвенец, а на кој се обратија и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерот за економија м-р Крешник Бектеши, како  и директорот на Енергетската заедница Јанез Копач.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Република Македонија заостануваше значително во имплементацијата на енергетската законска регулатива, која што претставуваше обврска преземена од Договорот за формирање на Енергетска заедница и обврска за пристапувањето кон ЕУ. Обврските се однесуваа на донесување на нов Закон за енергетика, кој требаше да биде усвоен уште во 2015 година и во кој требаше да бидат инкорпорирани одредбите од Третиот енергетски пакет. Тој додаде дека тоа не беше направено навреме, со што Македонија се позиционираше на последно место во поглед на имплементирање на енергетската легислатива. Со донесувањето на Законот за енергетика во мај 2018 година, кој што беше еден од приоритетите на Владата во изминатиот период, состојбите во енергетскиот сектор драстично се поправени и сега Македонија се наоѓа на третото место во спроведување на енергетските реформи.

„Со Законот за енергетика сега имаме отворен фронт за инвестиции на повеќе дејности кои треба да се спроведат во енергетскиот сектор. Почнувајќи од раздвојувањето на сопственоста на енергетските компании, процес кој веќе е завршен, како и донесување на подзаконските акти со кои се регулираат сите аспекти кои произлегуваат од овој Закон. Сите обврски кои произлегуваат од Законот ќе бидат исполнети во целост и навремено“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот дополни дека со Законот се овозможува зголемено учество на обновливите извори на енергија. Со донесување на Правилникот и Уредбата за обновливи извори на енергија ќе се дефинират сите аспекти во оваа област и ќе се овозможи развој на енергетиката во Македонија.

„Главното производство на електрична енергија моментално е од јаглен и тоа од РЕК Битола, додека ТЕЦ Осломеј работи само повремено, колку ќе се обезбеди јаглен од локалниот коп. Другите енергетски ресурси, како што се нафтата и гасот се 100% увозни, бидејќи Македонија не располага со вакви наоѓалишта. Затоа треба да се фокусираме на производство од обновливи извори, да се искористи толку колку се може. Трагично е да Република Македонија, како земја со толку поволна сончева радијација, во моментов да располага само со 20 мегавати инсталирана моќност од фотоволтаични централи. Преку новиот Закон, се преминува од фидин тарифите, кои на некој начин беа пречка за зголемување на  производството на обновливи извори, на премиум тарифи. Тоа ќе овозможи на сите производители на електрична енергија, истата да ја продаваат на слободен пазар, да се развива овој пазар и да се зголеми конкуренцијата на пазарот. Со Премиум тарифите, преку буџетот, државата ќе обезбеди средства над висината на пазарната цена, за да бидат физибилни проектите, а критериум на аукциите за изградба на централите ќе биде инвеститорот да понуди пониска цена за Премиум. Ова е пример кој го има и во други западно европски земји, а веќе во одредени земји веќе Премиумот е речиси нула, бидејќи се покажува исплатливост на изградба на централата и со пазарните цени, ако се земе во обзир дека цената на потребната опрема е драстично намалена. Со околу 3-4 милиони евра, средства од буџетот, би се овозможила изградба на фотоволтаични централи со инсталирана моќност од 200 мегавати, што е значително зголемување“, подвлече Анѓушев.

Министерот за економија м-р Крешник Бектеши накусо ги запозна претставниците од националните парламенти на земјите потписнички на Договорот на Енергетската заедница со изготвениот Водич за генералните политики за целите до 2030 година, кој треба да биде усвоен на утрешниот состанок на Министерскиот Совет, а се однесуваат на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и намалувањето на емисиите на стакленички гасови. 
„Интенцијата на нашата Влада е промоција на користењето на обновливите извори на енергија и можноста за поголемо вклучување во користењето на овие извори, при што за инвеститорите ќе понудиме транспарентен процес на јавно надавање за изградба на електрани од обновливи извори на енергија, со користење на поддршка од државниот буџет во форма на премија, а за домаќинствата и малите потрошувачи имаме решение со кое тие ќе можат на своите кровови да инсталираат фотонапонски панели за произвoдство на електрична енергија за сопствена потрошувачка, а при тоа вишокот ќе го предаваат во електродистрибутивната мрежа“, нагласи Бектеши. 

Климатските промени, многу брзо, се движат во несакана насока и кога станува збор за бизнисот, досега се разговараше како да се намалат трошоците и да се достигнат повисоки профити, но веќе мора да почнеме да размислуваме како да опстоиме, рече во своето излагање директорот на Секретаријатотна  Енергетската заедница Јанез Копач. 

„Новите можности кои се создаваат се комбинација на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Имаме можност да создаваме енергија од сонце, ветер, вода, но мора да ја користиме ефикасно. Друг глобален тренд во енергетиката е електрификацијата на светот, колите се повеќе се на електричен погон,  греењето е од електрична енергија, за 30-40 години кога станува збор за користење на енергија, 80-90% од енергетската потрошувачка ќе биде електричната енергија. Не верувам дека постои доволно електрична енергија за сите потреби на човештвото, токму затоа мора да бидеме енергетско ефикасни“, потенцираше Копач. 

Претседавачот на Парламентарниот пленум, пратеникот Локвенец, кој го отвори состанокот, истакна дека ако се има во предвид дека значаен дел од ресурсите кои се користат за производство на електрична енергија, како што е јагленот, се ограничени во секоја земја, очекувањата за иден поголем индустриски и економски раст на договорните страни ќе предизвика поголеми потреби од домашно производство на електрична енергија за задоволување на сопствените потреби, зголемената свесност на населението за позитивното влијание врз животната средина од обновливите извори на енергија може да резултира со се поголема нивна примена во овие земји. 

„Зголеменото учество на обновливите извори на енергија нема да претставува избор, туку обврска за договорните страни имајќи ги предвид нивните позитивни ефекти и се поголемата важност која им се придава на овие извори во европската енергетска политика. Со цел поголема употреба на обновливите извори на енергија во земјите договорни страни на Енергетската Заедница потребни се низа стимулативни мерки за поттикнување на нивната поголема примена. Преку разни форми на грантови и средства од разни фондови како и подигнување на свеста кај бизнис секторот и граѓаните за позитивните ефекти од обновливите извори треба да се стимулира нивната употреба“, нагласи Локвенец.

Линк до видео од обраќањето на вицепремиерот Анѓушев: 

Линк до видео од обраќањето на министерот за економија Бектеши:

Линк до видео од обраќње на директорот на Секретаријатот на ЕЗ Јанез Копач: 

English
АКТУЕЛНОСТИ: