Вицепремиерот Анѓушев на бизнис форум во организација на Италијанската агенција за трговија – се планира реализација на многу инфраструктурни проекти, искуството и знаењето на италијанските компании се добродојдени

Искуствата, технологиите и знаењата на италијанските компании во фазите на проектирање, изведба и надзор на градежните проекти кои се планира да се реализираат во Македонија се добродојдени, порача заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев на отворањето на бизнис форумот кој го организира канцеларијата на Италијанската Агенција за трговија во Скопје. 

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека овој бизнис форум, треба да придонесе за продолжување на позитивниот тренд на економската соработка помеѓу Република Македонија и Италијанската Република. Италија е шести трговски партнер на Македонија, трговската размена помеѓу двете земји во првите девет месеци од 2018 година, во однос на истиот период лани, бележи раст од над 14,2%, со вкупен обем од 448 милиони евра, а голем придонес за зголемување на економската соработка има порастот на извоз на производи од 11,7%.

На бизнис форумот присуствуваа претставници од 15 италијански компании, со меѓународно искуство во реализација на проекти од патна и железничка инфраструктура, енергетски проекти, како и проекти за заштита на животната средина. Вицепремиерот ги информираше присутните за Владините тековни и планирани инфраструктурни проекти, пришто потенцираше дека заинтересираните италијански компании треба да ги следат јавните повици за реализација на проектите, нивното присуство ќе доведе до дополнителен квалитет и конкурентност во самите постапки. 

„Во поглед на патната инфраструктура во фаза на реализација се два капитални проекти, автопатската делница Миладиновце-Штип е во завршна фаза, додека делницата Кичево-Охрид, е некаде на 50% станува збор за проект кој беше со потешкотии поради несоодветна проектна документација, но сега очекуваме да се врати во нормална динамика. Во периодот кој следи се планира и проектирање и тендерирање на автопатска делница Гостивар-Кичево. Во фаза на реализација се и повеќе експресни патишта, во чија реализација се вклучени и италијански компании. Во поглед на железничкиот транспорт, посветени сме на реализација на пругата кон Република Бугарија, на коридорот осум. Целата делница е составена од три дела, Куманово-Бељаковце е во фаза на реализација, Бељаковце-Крива Паланка е во фаза на тендерирање, а за оваа фаза веќе имаме обезбедено и грант преку Фондот за инвестиции во Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. Третата делница, која е и најтешка за изведба и која е проценета на околу 500 милиони евра, има проектирани многу тунели и вијадукти и мислам дека би можела да биде во фокус на интересот на присустните компании“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Анѓушев додаде дека во фаза на тендерирање е и изградба на далекуводот помеѓу Битола и Елбасан, со вкупна вредност од околу 50 милиони евра, кој е поддржан од ЕБОР, а во насока на диверзификација на снабдувањето со гас се планира гасно поврзување со Република Грција и Трансатлантскиот гасовод. Согласно новиот Закон за енергетика, приватните компании, преку учество на транспарентни аукции, на база на Премиум тарифи, ќе може да придонесат за зголемување на производството на енергија од обновливи извори. Во насока на зголемување на производството од фотоволтаични централи Владата ќе обезбеди градежно земјиште, ќе ги разреши сите прашања во однос на имотно-правните односи и ќе обезбеди приклучок до дистрибутнивниот систем, при што приватните инвеститори ќе имаат можност да изградат фотоволтаични централи со инсталирана моќност до вкупни  200 мегавати. Дополнителни 150 мегавати инсталирана моќност ќе се добијат преку изградба на ветерни електрани, а во постапка на тендерирање се и 22 мали хидроелектрани, со што значително ќе се зголеми учеството на обновливите извори во вкупното производство на енергија. Вицепремиерот информираше дека Владата е посветена и на системско решавање на одлагањето на отпад, со изградба на регионални депонии на принцип на јавно-приватно партнерство.

Амбасадорот на Италијанската Република, Н.Е. Карло Ромео, нагласи дека ова е втор бизнис форум кој се организира во Република Македонија само во 2018 година, со што се докажува големиот интерес на италијанските компании за учество во развојни проекти во транспортот, енергетиката и животната средина. Тој нагласи дека претставниците на компаниите кои се присутни претставуваат здруженија кои работат во 90 земји и годишно реализираат приходи од околу 14 милијарди евра.

Бизнис форумот е во организација на Италијанската Агенција за трговија (ICE), во соработка со Италијанското здружение на приватни градежни компании (ANCE) и Италијанското здружение за инжинерство и градежништво (OICE).

 

Линк до видео од обраќањето на ЗПВРМ Анѓушев: 

English
АКТУЕЛНОСТИ: