ВКРСТЕНО ИНТЕРВЈУ Азески: Владата киксна за персоналецот, Анѓушев: Подготвен сум да работам за ништо, ама не и да изгубам се

21 јануари 2019

Линк до интервјуто на Фактор Мк: 

https://faktor.mk/vkrsteno-intervju-azeski-vladata-kiksna-za-personalecot-angjushev-podgotven-sum-da-rabotam-za-nishto-ama-ne-i-da-izgubam-se

Двајцата се познаваат добро и долго. Биле пријатели и на страната на бизнисот, во кое било време. Но Бранко Азески го предложи дотогаш успешниот бизнисмен Кочо Анѓушев, да биде човек на бизнисот, ама во Владата, па Анѓушев стана вицепремиер. Година и половина подоцна - нема кој не го знае Анѓушев, нема кој не знае дека во анкетниот лист пријави имот вреден 28 милиони евра, нема кој не слушна за сите негови бизниси. По толку време  го прашавме Азески дали вицепремиерот ги исполни очекувањата кои ги имал бизнисменот Анѓушев. Него дали има капацитет да стори уште и како планира да го направи тоа. Ова е прво нивно вкрстено соочување. Нивната близина не е тајна, и двајцата велат дека ќе се борат се додека се препознава дека мерките им одат во корист на стопанствениците и додека има демократски амбиент да се работи. Понатаму не. Во интервјуто Анѓушев зборува, за богатството, за плановите кои ги има во енергетиката. Азески за своите очекувања, ама и за неговите забелешки кон оваа Влада.

Анѓушев имате ли чувство дека сте сториле нешто добро за македонската бизнис задница? Што конкретно?

Анѓушев: Мое лично мислење е дека сум направил добро за бизнис заедницата, но тој одговор треба да го дадат самите. Според мене, во овој период се решија некои проблеми во инфраструктурни проекти и во индустријата. Прво, автопатот Кичево –Охрид, потоа случајот со комбинатот „Фени“. Примарните ефекти кои ние ги гледаме се дека сега „Фени“ работи, а автопатот ќе продолжи да се гради. Никој не ги гледа секундарните ефекти, а тие се, дека ако тоа не беше така, само во случајот „Фени“, македонските банки беа во опасност да изгубат 40 милиони евра, а македонски фирми да изгубат 27 милиони евра. Дополнително, дали можете да го сфатите домино ефектот кој ќе се случеше во земјата. Исто и со автопат Кичево-Охрид. Да, ние бевме доведени во опасност тој да не продолжи да се гради, од друга страна македонските банки имаа дадено гаранции кон кинескиот партнер, кои ако беа активирани, повторно ќе губеа македонските градежни компании кои дале обезбедување.

Друг аспект е носењето на Законот за финансиска поддршка. Не дозволивме да продолжи поддршката само за одредени компании и не дозволивме да продолжи нелојално превземање на работна рака од македонски компании. Сега сите се изедначени. Сите се помагаат и сите кои сакаат да инвестираат во техника и технологија ќе добијат помош. Мора да се водиме од концептот дека без техника и технологија нема продуктивност, без продуктивност нема конкурентност, без конкурентност нема извоз, а Македонија без извоз нема индустрија. Ако нема индустрија немаме ни економија.

Азески вие како гледате на работата на вашиот предлог кадар во Владата. Што се подобри во македонскиот стопански амбиент што вие делегиравте човек во извршната власт? Кои се придобивките?

Азески: Ние брзо забораваме. Во какви услови дојде тој на оваа функција? Во време на сериозно нарушени демократски процеси и на правата во општетсвото, без кои нема движење. Неговата основна и прва улога беше да го пренесе тој глас на бизнисот во новата Влада во која ќе ги поддржи сите реформски прашања на тој правец. Тоа може не e видливо, но ние го знаеме. Не може дека има застој во демократските процеси како во 2015 и во 2016 година, а да ја подобруваме економијата. Тоа не оди заедно. Втората негова работа беше да ги застапува интересите како сме ги дефинирале, во делот на поддршка на индустријата и извозот. Тој тоа совршено го направи. Донесе програма која беше ефектно спроведена и јас можам да бидам незадоволен само од одзивот на македонските компании. Јас очекував поголем интерес. Сега, секоја година ќе има конкурси, се разби еден застарен модел на хоризонтална поддршка кон модел на поддршка на тие кои можат да испорачаат раст. Третата работа е на она што се однесува на неговата потесна специјалност, енергетиката. Горди сме што имаме човек кој даде придонес. Не го испративме да прави пиар, туку да ја подобри економијата и да влијае на развојот на економијата. Подобар немавме, го понудивме најдоброто. Дали го искористија тоа, тоа е друга работа. Знаете како викаат - каква Влада, такви луѓе. Имаме одлична соработка, но и се конфротираме.

Азески се познавате долго, во моменти кога за Анѓушев имаше напади, силно застанавте зад вицепремиерот. Борбата против аномалиите во системот а која е на штета на бизнисот е ваша првенствена битка?

Азески:  Застанавме зад бескурпулозните напади кои беа врз човекот Кочо Анѓушев, а кои немаат врска со неговата работа. Тоа беше период во кој почувствувавме дека треба таква интервенција затоа што ние ги знаеме демократските капацитети на нашата држава. Ретко може да се најде човек од калибар на Кочо Анѓушев кој има развиен приватен бизнис, кој доаѓа на висока функција, а ги истрпи тие бескурпулозни напади кои се однесуваа на личност, а не на неговата функција. Ние пред неговото назначување имавме директни разговори со стручњаци и тој направи се што законски беше нормирано. Моралниот аспект на тоа прашање, ние може да го дискутираме во секој случај, но такво морално однесување во ситуација на нерегулирани законски односи во државата можеше да биде на штета на Стопанската комора, на бизнисот и на економијата на Македонија. Како ќе го регулираш тоа кога имаш 1.400 закони кои имаат колизија во нивното остварување. Каков да биде придонесот на вицепремиерот во расчистување на тоа прашање ако се затрупа со номенклатури и наместо да работи да расчистува правни работи.

НАПАДИ КОН БИЗНИСМЕНОТ КОЈ Е ВИЦЕПРЕМИЕР

Анѓушев вашето име на почетокот на вицепремиерската функција беше поврзувано со судир на интереси или конфликт на интерес на вашата позиција и работата на вашите фирми. Од оваа дистанца, оддалечени од сите случувања како гледате на ова?

Анѓушев: Како дејствија кои беа резултат на дневна политика. Тие се неразумни обвинувања, што кога се случуваа се играше со сензитивноста на граѓаните и со нивните чувства, се во функција на дневната политика. Мислам дека заради тоа ние како држава треба да се запрашаме дали имаме капацитет да ги препознаеме таквите напади. Од временска дистанца е полесно да се дискутира.

„Фероинвест“ добил 2,6 милиони евра тендер во ЕЛЕМ, но забораваме да кажеме дека „Фероинвест“ се откажа од тој тендер, а сите уште викаат „доби“. Но доби во април 2017 година и договорот за тој тендер е потпишан од сегашниот претседател на опозицијата Христијан Мицкоски како директор на ЕЛЕМ тогаш. После се откажав но дали така го заштитивме  јавниот интерес – по колку пари се купија тие ленти после тоа?

Случајот со „Кастинвест“ и Фондот за иновации. Тоа е бивши Металски завод леарницата. Таа беше пропадната фабрика. „Брако“ влезе со 40 отсто во „Кастинвест“ а Кочо Анѓушев е 40 отсто сопственик во „Брако“. Значи јас сум 16 отсто сопственик на „Кастинвест“. И јас сега како 16 отсто сопственик мислите ли дека можам да влијаам врз  моите 84 проценти партнери и тие да ги немаат сите права како другите фирми во Македонија, заради моите 16 проценти. Но, среќен сум дека моите партнери се големи луѓе и самите се повлекоа имајќи ја в предвид сензитивноста во која живееме една деценија. А дали е тоа праведно? На крајот,  не е коректно ниту да се жртвувуваат партнерите, не гледаме ни морална одговорност оти немам бенефит. Многу е лесно да се скриете зад фирми од Лихтенштајн, Луксембург, Кипар, а уште полесно да се скриете зад офшор дестинации. Но во моите фирми нема да најдете такво нешто. Јас сум подготвен да немам никаков личен бенефит односно да сум на нула, ама не сум подготвен и мислам дека е нерзумно некој да очекува од мене тоа што досега сум го направил во животот да го уништам.

Азески: Ние делегираме претставник на стопанството. Ако ние ги прифатиме сегашните закони во однос на судирот на интереси, ние ќе делегираме претставник на фамилија, а ние не сме Асоцијација на фамилија. Кочо Анѓушев ако се повлече за се да биде чисто, тој ќе биде претставник на фамилијата, не на стопанството.

ПАТИШТА И ФОТОВОЛТАИЧНИ ЦЕНТРАЛИ

Една од мерките за кои упорно тврдевте дека ќе му помогне на стопанството беше изедначување на нашите со странските фирми и тоа што и домашните компании ќе добиваат поддршка, субвенции. Анѓушев оваа мерка почна со примена, што очекувате? Кои други модели на помош за бизнисот ќе ги развивате?

Анѓушев: Прво,многу е важно за која сума на пари правиме муабет. Минатата година поделивме 30 милиони евра. Оваа година таа сума е зголемена за 40 отсто, значи оваа година ќе има некаде околу 45 милиони евра. Почнуваме со работна група, малку да го модифицираме законот да им олесниме на компаниите, да не аплицираат повеќе. Ги имаме нивните податоци и од извештаите ќе ги извадиме податоците кои ни се потребни па тие само ќе бидат известени кој колку добил согласно истите критериуми. Во делот на мали и средни претпријатија има нови програми во Фондот за иновации. Се враќаат од 30 до 70 отсто од средствата на технологијата што ја инвестираат. Не постои друг начин за зголемување на конкурентноста освен со инветсирање во технологија. Ако не ќе се сведем на развој на трудоинтензивни дејности со плати од 200 до 300 евра. Тие пак директно одат во чекалницата за одење некаде надвор. Втора работа ќе отвориме инвестиционен циклус во енергетиката. До крајот на овој квартал ќе распишеме прв тендер за фотоволтаични централи, а до крајот на годината и за ветерни електрани. Тоа не треба да биде занемарливо бидејќи тој инвестиционен циклус е голем. Ако се градат капацитети до 350 мегавати, ние правиме модел за инвестиција до 400 – 450 милиони евра. Инаку во моментов во Р. Македонија се интервенира на вкупно 700 километри пат. Некаде се гради автопат, некаде се гради експресен пат, некаде реконструкција на пат. И тоа е обезбедено со финансирање од над милијарда евра. Тоа значи дека за градежните фирми и за градежната оператива во Македонија се отвора огромен простор, или оваа година нема да има слободна градежна машина. Оттука го влечам мојот оптимизам дека градежиштвото ќе го вратиме на посакуваното ниво, но да не заборавиме, зградава во која седиме чинела 100 милиони евра и била бенефит за градежништвото. Но носи само трошок и кредити. Сме се задолжиле за 3,2 милијарди евра период од шест години.

ПРОТИВ ПРОГРЕСИВЕН ДАНОК

Од годинава на сила е даночна реформа, промени во данокот на личен доход, но има измени и на данокот на добивка, а се наплатуваат поголеми придонеси. Анѓушев вие како стопанственик пред се, како ги коментирате овие измени, поголемите зафаќања, поголемите трошоци не се во полза на стопанството. Како се спогодивте со министерот за финансии?

Анѓушев: Владата е колективно тело. Ние мора да се научиме дека демократијата мора да владее и во Владата. Мислам дека помина времето кога постоеше еден премиер кој требаше да каже како да биде. Тогаш зошто има министри? Точно е, јас немав ист став за персоналниот данок, особено првично кога идејата беша лимитот да биде 700 евра. Јас реков дека тоа е прениско и дека ќе ги тангира сите професионалци, средната класа, значи младите инженери, доктори, ИТ експерти. Секако имавме внатрешна дискусија, но тоа го кажавме и јавно.

Азески вие реагиравте на овие измени. Ви одговараат ли, прво баравте повлекување, па отстапивте. Како ќе се рефлектира ова на домашните компании?

Азески: Ова е суштинско прашање за нас коморите и секогаш кога сме имале разговори со СДСМ за прогресивниот данок, сме имале резерва, но таа резерва е во поглед на тоа да се седне и да се разговара. Се влезе во сериозна реформа на даночниот систем, со заобиколување на здруженијата од наш тип и тоа е тежок превид на Владата. Методолшки Владата падна и мислам дека знае дека направи грешка и мислам дека нема да се повтори. Ако седневме ќе понудевме решение кое Владата би го прифатила и ќе се постигнеше еднаков ефект. Се извртува реалноста и нашето барање да бидеме консултирани се извртува како отпор на посиромашните да им се даде некаква можност за зголемување на нивните приходи. Не е точно ние сме одговорни и не би сакале дека се сфати дека дека имаме отпор затоа што тоа ќе оди на штета на газдите.

ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ПЛАТАТА ТРЕБА ДА СЕ ОСТАВИ НА ПАЗАРОТ

Оваа Влада е фокусирана на политика на раст на плати со која се надева дека ќе ја стимулира личната потрошувачка и генерално растот на БДП. Најавено е ново зголемување на минималната плата, но и на социјалната поддршка. Овој концепт за раст не е стимулативен за компаниите. Зошто не, да се поттикнува инвестициски поход на домашните компании па тие да придонесат за растот? И има ли сила македонскиот бизнис да го зголеми извозот па и така да се зголемат платите?

Анѓушев: Јас не сум присуствувал на дискусија во Владата на која се дебатирало за ново зголемување на минималната плата. Дали имало во некои сектори такви разговори не можам да кажам. Мислам дека зголемувањето на платите треба да се остави на пазарот. Платите во Македонија во 2018 споредено со 2017 година пораснаа за шест до седум проценти, сега ќе излезат официјалните податоци. Инфлацијата ќе биде три пати пониска, што значи дека стандардот малку пораснал. Дали е тоа доволно, велам не е, за да биде почувствувано. Треба многу години ваков тренд па да речеме за седум осум години да го почувствуваме како реалност. Ако некој очекува тоа преку ноќ да се смени и со магично стапче тој не е со нозете на земја, би рекол. Има друга реалност. Порастот не се случи заради законските измени, туку како резултат на реалната ситуација на пазарот на трудот. Дополнително се отвораат 16 индустриски капацитети во моментов и тие бараат работници. Од друга страна, сакајќи да ги задржат работниците кои бегаат надвор, работодавачите почнаа да ги зголемуваат платите. Убеден сум дека платите ќе растат и во иднина и тоа резултат на законски решенија, туку како резултат на реални пазарни услови на пазар на трудот. Многу е лесно е да се каже некому да дели повисоки плати и тој ќе дели такви плати се додека не пропадне.

Азески вие еднаш потенциравте дека Владата мора да ги реализира капиталните инвестиции за да го обезбеди растот. Годинава капиталните трошоци потфрлија. Како да се постигнат повисоки стапки на раст? За стопанството е важно да се инвестира во инфраструктура.

Азески:  Веројатно има некои тешкотии, ама мора да се разбиваат. Сите земји од Источниот блок се развија и направија исчекор со развој на капитални проекти и инфраструктура од домашниот буџет но и со поддршка на меѓународни финансиски институции. Полска, Чешка, Унгарија, Словачка направија одличен чекор. Затоа прашањето на капиталните инвестиции е значајно прашање. Капиталните инвестиции и вака се мали и како земја во развој треба да ги зголемуваме ама да ги реализираме максимално и ефикасно. Многу е важно во што ги вложуваш. Ако се непродуктивни проекти тоа е катастрофа за државата, ако се вложуваат во проекти кои ќе донесат додадена вредност тоа е добро.

ДА ЗАКУПИМЕ ДЕЛ ОД НУКЛЕАРКАТА БЕЛЕНЕ

Анѓушев од реформите во енергетиката за година и половина направивте три работи. Донесовте нов закон, МЕПСО го смени титуларот и потпишавте меморандум за разбирање со кој берзите за струја во Македонија и во Бугарија треба да се поврзат. Кога Македонија ќе добие национална берза на која на почеток електричната енергија ќе се тргува ден-однапред?

Анѓушев: Во енергетиката не може да има прогрес без да се има долгорочна стратегија. Ние во моментов ја немаме, ама се изработува. Увозно сме зависни енергетски, а дома произведуваме само електрична енергија. Немаме нафта, гас, а немаме ни јаглен во бесконечни количини. ЕЛЕМ на времето призведувал седум тераватчасови електрична енергија сега произведува 4,2 терватичасови на годишно ниво. Како поминува време сеповеќе ќе ги губите.Пристапот до електрична енергија е преку берзите. За да имате пристап до берза, можете да си формирате, ама не само во Македонија, може во секој град, но ако нема волумен нема да функционира. Затоа треба да се поврзете. За Македонија најлогично беше да се поврзе со Бугарија. Откако ќе направиме „каплинг“, Македонија ќе има поевтина енергија и тоа ќе биде добро за сите компании. Би било паметно и да си закупиме ресурс. Тука го гледам „Белене“, нуклеарната централа како опција.  Ако најдеме сила можеме да станеме и сопственици на тој дел. Со „каплингот“ тоа нема да биде ни проблем.

БАВЕН НО СИГУРЕН РАСТ, ЧУДА НЕМА

Македонија е на крстопат, со забрзано темпо кон ЕУ и НАТО. Анѓушев што очекувате вие, колку се реални очекувањата кои ги промовирате дека конечно ќе ни тргне така. Впрочем не е се баш инстантно?

Анѓушев: Ние треба да го намалиме сензационализмот и дневно политичките информации. Јас сум убеден дека ништо апокалиптично во Македонија нема да се случи се е исто и само се правеше драма за дневни политички поени. Ние ја обезбедивме иднината за младите и го забетониравме идентитетот македонски. Прво да ја смириме националната страст и тој триумфализам да се смири и треба да се фокусираме прагматично. Односно каков бенефит може да имаме од тоа. НАТО дава стабилност за некој кој сака да инвестира. А мораме да имаме стратегија да ги искористиме фондовите. Џабе ни се ако се искористат 10 отсто. Да направиме тимови луѓе, кои знаат како тоа да го искористат и тоа треба да е таргетот на владата и опшптеството. Нема да не направи побогати кој на кој јазик ќе зборува. А што се случи откако станавме ФИРОМ до денеска? Останавме на исто, стандардот одеше надолу дури другите се интегрираа. Сега сите политички проблеми се решени и конечно ќе можеме да го искористиме ова решение кое го гарантира идентитетот за економски просперитет. Но мора да сме реални, преку ноќ нема да се сменат работите. Сега имаме шанса за нов почеток. Тоа дава надеж и воља. Ние мора да ја направиме државата за младите да ја имаат Европа дома.

Азески, вие каков раст очекувате во следниот период, од што ќе биде детерминиран и кои се најголемите ризици?

Азески: Очекувам раст кој ќе се базира на реалност и стапки до седум отсто. Очекувам поголемо учество во економските процеси кога ќе завршат политичките. Стабилизирање на состојбите на Балканот, а овие состојби создадоа тешки компликации. ЕУ настанала на база на региони и ние мора да соработуваме. Прво дуално образование да воведеме за да расте индустријата и БДП, второ е прашањето на проодноста на стоки и услуги кои треба да се забрзаат и трето прашањето за поддршка на компании за настап на трети пазари и производи. Четврта компонента е инфраструктурната и таа да се преслика на цел регион. Нема големи чекори ама очекувам постепен раст кој ќе заврши со основа која ќе се движи околу 4 отсто и претпоставки во следен мандат да оставриме раст од пет до седум отсто. Да не очекуваме чуда, да ги засукаме ракавите секој од нас барем десет отсто да ја зголеми економската активност.

Претседателски избори сигурно ќе има, можеби и парлaментарни...

Азески: Ние и двајцата сме против избори.

English
АКТУЕЛНОСТИ: