Средба на вицепремиерот Aнѓушев со новопоставената директорка на УСАИД Биркл

30 јануари 2019

Заменикот претседател на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, оствари средба со амбасадорот на САД во Република Македонија, Н.Е. г-дин Џес Бејли, кој беше придружуван од новата директорка на канцеларијата на УСАИД за Македонија г-ѓа Гречен Биркл.

Биркл паралелно со новата функција ќе ја извршува и функцијата на Заменик на помошникот директор на Бирото за Европа и Евроазија на УСАИД,  а има претходно работно искуство во Меѓународниот Републикански институт (International Republican Institute), како и работно искуство во Бирото за демократија, човечки права и труд во Стејт Департментот.

За време на средбата се дискутираше за досегашната соработка помеѓу Република Македонија и Американската организација за меѓународен развој (УСАИД), коишто се однесуваат на економскиот развој и трговската размена, како и за соработката во енергетскиот сектор која во последните година и половина е на исклучително високо ниво.

Вицепремиерот Анѓушев изрази задоволство и благодарност за добиената поддршката при подготовката на новиот Закон за енергетика, за помошта во креирање на подзаконските акти кои произлегуваат од Законот, како и за севкупната поддршка од американскиот народ изминатиот период. Тој потенцираше дека донесувањето на Законот за енергетика, придонесе Енергетската заедница да нотира значителен напредок во спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор со што се прават значителни чекори кон евро-атлантските интеграции на земјата.

На крајот од состанокот говорниците го споделија задоволството од досегашната успешна соработка и со ентузијазам заклучија дека постои обостран интерес и волја оваа соработка да продолжи да се развива и унапредува
 

English
АКТУЕЛНОСТИ: