7 февруари 2019
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев и министерот за здравство д-р Венко Филипче, денес во Белград се сретнаа со директорот на регионалната канцеларија на Меѓународната финансиска корпорација за Централна и Југоисточна Европа (IFC-International Finance Corporation), г-дин Томас Лубек, со кого разговараа за можностите за поддршка од страна на IFC, дел од групацијата на Светска Банка, за реализација на крупни инфраструктурни проекти во енергетиката и во здравствениот сектор.
Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека на средбата со регионалната канцеларија на IFC се разгледуваа можностите за соработка во поглед на поголемо вклучување на приватниот сектор во реализација на економските политики на Владата.
„За да имаме реална и одржлива економија на долг рок, приватниот сектор мора да биде што е можно повеќе вклучен во реализација на економските политики. Денес со IFC разговаравме за реализација на проекти во форма на јавно-приватно партнерство, со особен фокус на енергетски проекти. Конкретно стана збор за проекти за јавно-приватно партнерство за хидроелектраната Чебрен, за проекти за управувањето со отпадот, односно еколошките аспекти и производство на енергија од отпад, како и за можноста за јавно-приватно партнерство во здравствениот сектор, концепт кој е застапен во развиените земји. Очекуваме во рок од 2-3 недели да пристапиме кон активности со кои ќе го откочиме проектот за изградба на ХЕ Чебрен, значаен проект во поглед на производство на електрична енергија, но и за наводнување и водоснабдување. ХЕ Чебрен планираме да се реализира во форма на јавно-приватно партнерство, каде што јавниот партнер би бил ЕЛЕМ, додека приватен партнер ќе се бара во тендерска транспарентна постпка, кадешто очекуваме поддршка од IFC. До крајот на годината се надеваме да пристапиме кон реализација на проектот за изгрaдба на хидроелектраната и наскоро Чебрен да биде ставен во функција на енергетскиот систем и водостопанството“, потенцираше вицепремиерот по состанокот со IFC.
На состанокот со IFC се разменија и искуства во врска со моделот на јавно-приватните партнерства во здравствениот сектор.
„Сакаме да ја искористиме експертизата којашто IFC ја има во имплементирање на јавно-приватното партнерство во многу земји во светот, а се со цел на нашите граѓани и пациенти да им го направиме здравствениот систем и здравствените установи подостапни. Да го зголемиме квалитетот на здравствените услуги и на долги патеки да овозможиме соодветен развој на нашиот здравствен систем во целост“, истакна министерот Филипче.
На состанокот, од страна на IFC, изразија подготвеност и волја за поддршка за реализација на проекти кои вклучуваат јавно-приватно партнерство во енергетиката, екологијата и здравствениот сектор.
“Дискутиравме за тоа како ИФЦ може да и помогне на Владата да ги спроведе своите идеи и планови за учество на приватниот сектор во инфраструктурата и здравствената нега. Зборувавме за многу практични работи, а особено важно, брзо дојдовме до коренот на проблемите, имајќи ги предвид искуствата на Заменик претседателот во приватниот сектор и енергетиката, што ќе ни помогне наскоро да излеземе со конкретни и специфични предлози и се радуваме што набрзо ќе може да започнеме со сериозна работа“, ијави Tомас Лубек, директорот на регионалната канцеларија на IFC за Централна и Југоисточна Европа.
Линк до видео од изјавите на вицепремиерот Анѓушев, министерот Филипче и директорот Лубек: