Оддржана јавна дискусија за измени и дополни на Законот за финансиска поддршка на инвестициите – Вицепремиерот Анѓушев: преку дијалог со бизнис заедницата го унапредуваме законското решение

19 март 2019

Владата на Република Северна Македонија води контиуниран дијалог со бизнис заедницата, ги слуша реалните потребите на компаниите и врз основа на нивните барања подготови предлог измени и дополни на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кои се олеснуваат критериумите и процедурите за аплицирање за државна помош, нагласи Заменикот претседател на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев на денешната јавна дискусија на која пред претставници на бизнис секторот беше презентиран подготвениот предлог на измени на Законот. 

„Во мај 2018 година донесен е Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а имплементацијата на тој Закон донесе позитивни резултати за економијата во земјата. Целта на ова законско решение е да се поттикне индустрискиот развој, а сведоци сме дека во 2018 година имаме забележителен раст на индустриското производство. Преку мерките од Законот, но и преку мерките кои се имплементираат преку Фондот за иновации и технолошки развој обезбедена е поддршка за околу 250 компании. Се реализираат инвестициски проекти на 19 странски компании, коишто се во согласност со овој Закон, којшто е транспарентен и со јасни критериуми за сите“, потенцираше Вицепремиерот.

Анѓушев нагласи дека во буџетот за 2019 година се планирани рекордни средства за поддршка на компаниите, а со измените и дополнувањата на Законот се овозможува поголем опфат на компании кои може да аплицираат за државна помош.  Тој дополни дека веќе во првата година на примената на Законот се видливи позитивните резултати, кои се рефлектираат преку порастот на БДП од 2,7% на годишно ниво, рекордно високото ниво на директни странски инвестиции од 624,5 милиони евра, како и растот на индустриското производство од над 5% во 2018 година. 

Растот на индустриското производство од над 12% во јануари 2019 година, како значителна компонента во бруто домашниот производ е индикатор кој покажува дека во 2019 година може да се очекуваат и повисоки стапки на економски раст.

„Измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите се однесуваат на поедноставување на процедурите за аплицирање и за значително проширување на опфатот на компаниите кои може да бидат корисници на државна поддршка. Сега се земаат предвид компании од земјоделието, кои не се занимаваат со примарно земјоделство, односно се компании од преработувачката индустрија. Сакаме да стимулираме компании од процесната индустрија за преработка на земјоделски производи и сега со овој предлог и овие компании се опфатени и очекуваме да влијае на отворање на нови капацитети за преработка на земјоделски производи, за производство на производи со повисока додадена вредност. Дополнително се вклучуваат и компании кои произведуваат производи од нематеријален карактер, како конкретен пример се компаниите од ИКТ индустријата. Со Законот сакаме да овозможиме и компаниите кои не се регистрирани со производствена дејност, да можат да аплицираат за државна поддршка. Секако дека ќе стимулираме индустриско производство, но сега компаниите нема да мора да бидат исклучително од производствена дејност“, објасни вицепремиерот Анѓушев.

Со предлог измените во Законот се продолжува и рокот за аплицирање за државна поддршка за компаниите, кој досега беше до 31 јули, а сега ќе може да се аплицира до 30 септември, со што им се дава дополнително време за подготовка на апликациите на компаниите, додека исплатата на финансиските средства ќе се врши до 25 декември во тековната година, за инвестиции направени претходната година. Текстилната и кожарската индустрија добиваат дополителни олеснувања, односно досега овие компании можеа да аплицираат и доколку не исполнуваат еден од двата основни критериуми, но само за 2 години, додека со новиот предлог се овозможува овие компании да користат државна поддршка во целиот инвестициски циклус од 5 години, а притоа да не исполнуваат еден од двата основни критериум.

На јавната дискусија присуствуваат и министрите за странски инвестиции Зорица Апостолска и д-р Елвин Хасан, како и министерот за подобрување на регулативата за домашни компании д-р Зоран Шапуриќ, кои истакнаа дека предлогот на измени и дополнувања на Законот се креирани согласно практичните потреби на стопанството, детектирани преку средби со стотици компании од целата земја.

Претставниците на бизнис секторот, ги поздравија предлозите на измени и дополни на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, при што истакнаа дека во новото законско решение се вградени голем дел од предлозите кои ги доставиле до Владата, а кои произлегуваат од барањата на компаниите членки на стопанските комори.

 

Линк до видео од обраќање на ЗПВРСМ за економски прашања д-р Кочо Анѓушев: 

English
АКТУЕЛНОСТИ: