Вицепремиерот Анѓушев на Форум за изнаоѓање на квалитетна работна сила – обезбедување на квалитетен и обучен кадар е приоритет на Владата и стопанството

20 март 2019


Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев учествуваше на форумот „Предизвизиците на компаниите за изнаоѓање на квалитетна работна сила во модерното време“, кој се организира во рамките на проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, кој го спроведува ЕПИ центар во соработка со Стопанската комора на северозападна Македонија, Стопанска комора на Македонија, Сојуз на Стопански комори и МАСИТ, а е финансиски поддржан од УСАИД. 

Вицепремиерот Анѓушев, во своето воведно излагање пред присутните, истакна дека Владата е силно посветена на економскиот развој на земјата и за таа цел се креирани низа на комплементарни програми за поддршка на стопанството коишто даваат добри резултати, пришто дополни дека најзначаен предизвик на економијата во периодот кој следи е обезбедување на квалитетен и соодветно обучен кадар за потребите на компаниите. 

„Со посветена работа невработеноста е намалена на рекордно ниска стапка од 19,4%, со што ја пробивме бариерата од 20%, во позитивна смисла. Кога станува збор за дополнително намалување на невработеноста и обезбедување на соодветен кадар за стопанството мора да кажеме дека станува збор за двоен предизвик. Од една страна станува збор за структурата на невработените: добар дел од нив се повозрасни лица над 52 години, дел од невработените немаат соодветно образование, односно поседуваат образование за коешто економијата нема реална потреба, додека дел од лицата имаат само основно образование. Од друга страна е иселувањето на младите, особено оние високо едуцирани кадри, во чиешто образование државата има инвестирано средства. Согледувајќи ја реалната ситуација, Владата презема соодветни активности и креира мерки за преквалификација и доквалификација, за потребите на компаниите и паралелно да се поттикнуваат домашните и странските инвеститори да отвораат нови работни места кои ќе бидат подобро платени и поатрактивни за младите едуцирани луѓе. Значи паралално работиме на тоа да ги подржиме компаниите да отвораат нови атрактивни работни места, како и на обезбедување на поддршка за преквалификација на невработените за потребите на стопанството“, потенцираше Анѓушев.

Вицепремиерот подвлече дека со имплементација на Законот за финансиска поддршка на инвестициите се обезбедени услови за поинтензивен индустриски развој во земјата, а како резултат на оваа поддршка се отворени над 26.000 нови работни места во 2018 година, најголем дел во приватниот сектор, се реализираат нови 19 проекти на странски инвеститори, над 250 проекти на домашни компании поврзани со технолошкиот развој се поддржани преку мерките од Планот за економски раст, нивото на странски инвестиции е на рекордни 624 милиони евра, додека забележан е и сериозен раст на индустриското производство. 

„Обезбедувањето на соодветен кадар за потребите на стопанството се прави на два начина, преку промена на образовниот процес и воведување на дуалното образование во средните стручни училишта и поттикнување на младите да студираат на технички факултети, пришто резултатите ќе дојдат за 5—6 години, како и со акутни мерки кои се брзи и динамични. Акутните мерки подразбираат преквалификација на постојната работна сила, на невработените кои немаат соодветни квалификации. За таа цел е креиран Оперативниот план за вработување, кој се спроведува преку Агенцијата за вработување, а за кој се обезбедени рекордни средства од 1,1 милијарда денари кои ќе се наменат за поттикнување на самовработувањето, преквалификации и обуки кај работодавачите и мерки за добивање на ИТ знаења и вештини“, кажа Анѓушев.

Зборувајќи на панелот „Трендовите во работните односи и мотивите за останување во државата“, вицепремиерот соопшти дека и покрај рекордно ниската стапка на невработеност,  сеуште како невработени се евидентирани над 105 илјади лица во земјата. Најголемиот дел од овие лица или околу 40% се лица над 50 години, а дури 50% од невработените се со основно или без образование, а околу 25% од невработените се со завршено средно образование.
„Направена е анкета на 3.140 компании со 7 и повеќе вработени, кои во анкетата навеле дека во периодот од наредните 6-12 месеци би имале потреба од околу 18.400 нови вработувања. Анкетираните компании  се само дел од сите кои работат во земјата, доколку се земат во предвид и оние кои не се анкетирани, веројатно потребите на домашните компании би достигнале и до 30.000 нови вработувања. Ако се видат потребите од профили на кадри кои им се потребни на компаниите ќе се увиди дека најбарани професии се  машински инженер, градежен инженер, програмер, електро техничар, машински техничар, шивач, келнер, готвач, пекар, слаткар, заварувач, бравар, столар, чевлар, возач на товарно возило, автомеханичар, електричар за одржување и оператор на ЦНЦ машини. 


Не е предизвик отворањето на нови работни места, поголем предизвик е како да се пополнат овие работни места. Токму затоа, дел од тие најбарани работни места би можеле да се пополнат преку преквалификација на активно невработените лица, со мерките од Оперативниот план за вработување и паралелно треба се повеќе да ги стимулираме младите да посетуваат технички факултети, тоа се два процеси со кои ќе добиеме уште попозитивни резултати. Не смееме да го комерцијализираме образованието и да отвораме нови факултети, за да младите добијат дипломи кои потоа нема каде да ги применат, тоа мора да застане“, порача вицепремиерот Анѓушев.  

 

Линк од обраќањето на свеченото отворање и од учество на панел на ЗПВРСМ Анѓушев: 

English
АКТУЕЛНОСТИ: