03 април 2019
На 26 март 2019 година, АД Електрани на Северна Македонија, во соработка со Европската банка за обнова и развој, распиша меѓународен тендер за изградба на фотоволтаична електрана со инсталирана моќност од 10MW во рамките на термоелектраната Осломеј, Кичево, односно на локацијата на исцрпениот рудник со јаглен.
На денешната прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија за значајноста на овој проект, говореа вицепремиерот за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, министерот за економија, м-р Крешник Бектеши и генералниот директор на ЕЛЕМ, д-р Драган Миновски.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека со објавување на овој меѓународен тендер започнува акцијата за зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори на ЕЛЕМ, која подразбира градење на фотоволтаични електрани на повеќе локации на исцрпени наоѓалишта на јаглен.
„Ова е почеток на имплементација на една позитивна иницијатива со која значително ќе се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, особено од сонцето. Започнуваме со локацијата на исцрпениот рудник за јаглен Осломеј, ќе се рекултивира земјиштето на соодветен начин со поставување на фотоволтаични панели. Станува збор за електрана со вкупна инсталирана моќност од 10 MW, очекуваме голем интерес на јавниот тендер, а првите мегавати очекуваме да почнат да течат уште на почетокот на наредната година. До крајот на месецот ќе биде распишана и тендерска постапка за изградба на фотоволтаични електрани со инсталирана моќност од 62 MW, од кои 35 MW на државно и 27 MW на приватно земјиште. Стартува офанзива за значително зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за економија, Крешник Бектеши нагласи дека дел од вработените во термоелектраната Осломеј ќе бидат дообучени за работа на новата фотоволтаична електрана, а таа ќе произведува околу 15 мегават часови електрична енергија, што соодветствува со потребите на околу 2000 домаќинства.
„Централата ќе се гради на веќе постоечкиот рудник во околината на РЕК Осломеј, на 15 хектари земјиште кое треба да се рекултивира со нова фотоволтаична електрана, која ќе произведува чиста енергија од обновливи извори. На овој начин, РЕК Осломеј, кој речиси и да не работеше во последните години, а со оваа инвестиција од загадувачки, ќе се претвори во еколошки капацитет за производство на чиста и евтина енергија, прераснувајќи во еден од најважните и за нашата земја и за регионот како целина, поради иднинатата во обновливите извори на енергија“, рече министерот Крешник Бектеши.
Директорот на ЕЛЕМ Драган Миновски подвлече дека финансиран од АД ЕЛЕМ со помош на поволен заем од Европската Банка за обнова и развој во висина од околу 8 милиони евра, а ќе биде проектиран и изграден од најкомпетитивниот понудувач, во согласност со највисоките европски и светски стандарди.
,,На меѓународниот тендер, кој е објавен на електронската платформа за јавни набавки на ЕБОР, може да се јават сите домашни или странски компании кои ќе успеат да ги задоволат потребите и спецификациите на проектот. Тендерот ќе трае до 10 мај 2019г, по што ќе следува евалуација на пристигнатите понуди и избор на најдобрата понуда. Понатаму, со стекнатото искуство од изградбата на оваа електрана, се отвараат можности за развој на повеќе и поголеми енергетски објекти од овој тип, со што се трасира патот кон се’ поголемо учество на обновливите извори на енергија, и поголема енергетска сигурност на Република Северна Македонија’’- нагласи Миновски.
Линк до видео од прес конференцијата: