04 април 2019
На денешната седница Советот за рамномерен регионален развој го утврди предлогот за финансирање на нови 44 проекти во осумте плански региони, кој што ќе и биде доставен на Владата на усвојување на наредната седница.
Средствата во вкупен износ од 289 милиони денари се обезбедени од буџетската Програма за рамномерен регионален развој, која што се реализира преку Министерството за локална самоуправа.
Распределбата на средствата на осумте плански региони се прави врз основа на Одлуката за степенот на развиеност, со што во вкупниот износ Скопскиот плански регион, како најразвиен, учествува со 7,2%, Југоисточниот со 11,1%, Источниот плански регион со 11,3%, Пелагонискиот со 11,9%, Полошкиот со 13,2%, Југозападниот со 13,3%, Вардарскиот со 14,7% и Североисточниот плански регион со 17,3%.
Согласно утврдената Методологија, во најмалку развиениот, Североисточниот плански регион, ќе се финансиираат 4 проекти со 50 милиони денари, во Вардарскиот плански регион 8 проекти со 42,5 милиони денари, во Југозападниот плански регион 3 проекти со 38,4 милиони денари, во Полошкиот плански регион 6 проекти со 38,1 милион денари, во Пелагонискиот плански регион 9 проекти со 34,3 милиони денари, во Источниот плански регион 4 проекти со 32,6 милиони денари, во Југоисточниот плански регион 4 проекти со 32 милиони денари и во Скопскиот плански регион ќе се финансиираат 6 проекти со 20,8 милиони денари.
Како што е предвидено со Законот за рамномерен регионален развој, секоја година веднаш по донесувањето на Буџетот за наредната година, Центрите за развој ги доставуваат предлог проектите врз основа на одлука донесена од страна на секој од осумте Совети за развој на планските региони.
Изборот на проектите, регионалниот Совет го прави од листата на приоритетни проекти која што Советот на секој плански регион ја има утврдено во широк консултативен процес на регионално ниво.
Станува збор за предлог распределба на 70% од средствата од Програмата за рамномерен регионален развој. Останатите 30%, согласно Законот, ќе бидат распределени за реализација на проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби.