Вицепремиерот Анѓушев на чевствување на делото на Свети Кирил во Рим

24 мај 2019


Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, заедно со сопругата, е дел од официјалната државна делегација, која ја предводи претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, и која денес учествува на активностите по повод чевствувањето на Св Кирил во Рим, кое се одржува по 52-ри пат. Во состав на државната делегација како преставици од Владата уште се и заменикот министер за култура Владимир Лазовски, државниот секретар во министерството за надворешни работи Виктор Димовски и претседателот на комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски.

Активностите на официјалната државна делегација започнаа рано наутро, со присуство на молебен во чест на Св. Кирил и Методиј, во базиликата „San Clemente“, со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство  Митрополит Скопски, Ариепископ Охридски и Македонски, г.г. Стефан, по што положи свежо цвеќе на гробот на Свети Кирил. На молебенот присуствуваше и официјална делегација од Република Бугарија, а официјалната делегација од Северна Македонија ќе присуствува на молебенот кој ќе го одржат свештеници од Бугарската православна црка во попладневните часови.

Во рамките на активностите поврзани со одбележувањето на денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, државната делегација присуствуваше и на аудиенција кај светиот отец, поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск, по што оствари средба со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин. На средбите беа потврдини силните врски помеѓу нашата земја и Светата Столица на Католичката црква,  токму низ инспиративното и благородно дело на Светите браќа Кирил и Методиј. Воедно претседателот на Собранието Џафери и вицепремиерот Анѓушев ја изразија благодарноста за апостолската посета на папата Франциск на Северна Македонија, и за пораките што тој ги упати до светот и кои наидоа на огромен интерес на светската јавност, при што беше извршена голема промоција на нашата земја во светски рамки.

„Во рамките на само еден месец, остваривме втора средба со папата Франциск, со што симболично се покажува посветеноста на Ватикан за поддршка на процесите кои се случуваат во Република Северна Македонија. На заедничката средба со папата Франциск и на средбата со државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин, ја искажавме благодарноста за остварената посета, со која се даде визибилост на нашата држава и се искажа поддршка на процесите кои се случуваат во земјата. Од страна на г. Паролин, кој практично е премиер на Ватикан, е искажана подготвеност од страна на Ватикан за поддршка за евро-атлантските интеграции на Северна Македонија, при што потенцирано е дека позитивниот дух, унапредувањето на демократијата и соживотот, како и градењето на добри односи со соседите се клучни за нивна имплементација“, изјави Анѓушев по Ауденцијата кај папата Франциск и средбата со државниот секретар Паролин.

Активностите на државната делегација продолжуваат и во попладневните часови, а одбележувањето на денот на сесловенските просветители ќе заврши во вечерните часови со културно уметничка програма во организација на Министерството за култура и музички настап на Весна Ѓиновска Илкова и Дино Имери.

 

Линк до изјава на вицепремиерот Анѓушев:

English
АКТУЕЛНОСТИ: