Вицепремиерот Aнѓушев и министерот Фазлиу ги промовираа одобрените проекти за „одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ – доделени над 1,1 милиони швајцарски франци за инвестициски и иновативни проекти

27 мај 2019


Со буџет од над 1,1 милион швајцарски франци ќе бидат реализирани шеснаесет проекти од осумте плански региони во државата. Избраните проекти кои се финансираат се во насока на развој на планските региони и се дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, кој го имплементираат Министерството за локална самоуправа и Кабинетот на Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и координација на економски ресори, а со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка. Овие средства се една, од трите компоненти на проектот „Одржлив и инклузивен рамнорен регионален развој“, во вкупна вредност од над 5 милиони швајцарски франци.

Во финансиската реализација Министерството за локална самоуправа учествува со 1.269.440 швајцарски франци, Кабинетот на Заменик на претседателот на Владата со 474,664 швајцарски франци и Швајцарската агенција за соработка и развој (СДЦ) со 3.320.000 швајцарски франци.

Вицепремиерот за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев на свечениот настан на кој беа презентирани одобрените проекти истакна дека еден од столбовите на концептот „Едно општество за сите“ е да постои рамномерен регионален развој во сите региони во земјата. Треба да се обидеме да направиме колку што можеме подобри услови за живот и во малите градови, односно да направиме колку што е возможно, да постигнеме подеднаков стандард за живот за сите граѓани на нашата држава. Тоа е идејата, тоа е суштината на „Едно општество за сите“, кажа Анѓушев.

„Оваа година, во буџетот предвидени се 412 милиони денари за Програмата за рамномерен регионален развој, што е за 38% повеќе во споредба со 2018. Тоа не е доволно, секако, но тоа не се сите средства што се вложуваат во таа насока, затоа што преку министерствата, јавните претпријатија, акционерските друштва на Владата, и други финансии се вложуваат во рамномерниот регионален развој. Преку МОН се градат училишта на цела територија на Република Северна Македонија, преку МТСП се градат градинки и домови за стари лица, Министерството за здравство гради и реконструира болници на целата територија, додека пак преку МТВ се градат канализации и водоводи, а МЗШВ, преку програмата за регионален развој, се градат патишта во вредност од околу 40 мил ЕУР на целата територија. Кога ќе ги собереме овие средства, ќе видиме дека многу повеќе се наменети средства надвор од развиените плански региони. Не е тајна дека осумте плански региони во нашата држава не се подеднакво развиени; најмалку развиен е североисточниот плански регион, додека најразвиен е скопскиот и во таа смисла, и средствата што се одделени во буџетот, се распоредени обратно-пропорционални: најмногу средства се доделени за градба во помалку развиените региони, додека најмалку средства се алоцирани во скопскиот плански регион, со цел да направиме рамномерен развој на целата држава“, подвлече вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за локална самоупра Сухејл Фазлиу, нагласи дека секој плански регион ќе реализира по два проекти кои што имаат директно влијание на подобрување на квалитетот на живеење и промовираат иновативен пристап во обезбедувањето на услугите. Тој додаде дека сите проекти се избрани на инклузивен начин со директно учество на граѓаните.

„Рамномерниот развој е столб на владиниот концепт за градење на “Едно општество за сите“. На нашата држава и е потребен подинамичен развој, но исто толку е важно да се обезбеди рамномерен развој, кој што ќе донесе промени пред вратата на секој граѓанин, со изградба на нов пат, канализација, детска градинка или ново современо училиште, енергетски ефикасни и пристапни јавни објекти, посебна грижа за лицата со попреченост, развивање на потенцијалите за туризам и отворање на нови работни места, отворање на нови перспективи за развој на локалната заедница и на регионот. Со финансиска поддршка од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа, во моментов во осумте плански региони веќе се реализираат 43 проекти, од кои 38 инфраструктурни и 5 за подготовка на техничка документација. До крајот на годината ќе се реализираат и проектите за развој на селата и на подрачјата за специфични развојни потреби, сите во вкупна вредност од околу 7 милиони евра“ рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу

Во секој плански регион ќе бидат реализирани по два проекта и тоа според поделбата еден инвестициски проект којшто во процесот на консултација го избраа граѓаните и еден иновативен, каде фокусот е ставен на иновативната димензија а идентификувана на партиципативен начин со активно учество на претставниците од  невладиниот, образовниот и бизнис секторот.

За грантовата шема за инвестициски проекти ќе се распределат 850 илјади швајцарски франци, а за 8-те проекти од Грантовата шема за иновативни проекти 312 илјади швајцарски франци. 

За Стефан Томаџан, заменик амбасадор на Швајцарија во Северна Македонија начинот на соработка влева оптимизам за следни проекти.

„Покрај релевантноста и квалитетот на предложените проектите, во двете грантови шеми беа земени предвид елементите со додадена вредност, како што се транспарентноста, социјалната вклученост, иновациите, родовата рамноправност, одржливоста на животната средина и партнерствата за развој. Токму ова не уверува дека ваквиот проект има потенцијал да влијае врз зајакнувањето на економскиот развоој  на регионите и подобрување на квалитетот на животот воопшто“, потенцира Томаџан.

Во рамките на Грантовата шема за инвестициски проекти, за која можеа да аплицираат единствено Центрите за развој на планските региони и тоа во областите животна средина, социјална инклузија, бизнис инфраструктура и туризам, проектите беа избрани преку организирање на регионални форуми на кои учествуваа претставници од граѓанскиот, невладиниот, образовниот и бизнис секторот, како и лично самите граѓани. Во секој плански регион финансиски е поддржана реализација на по еден проект којшто во процесот на консултација го избираа граѓаните. Притоа, приоритетниот проект во најразвиениот, Скопски плански регион добива средства во висина од 60 илјади швајцарски франци, а во најмалку развиениот, во Североисточниот плански регион, 145 илјади швајцарски франци. 

Со овие средства ќе се финансира изградба на инклузивно детско игралиште во скопската општина Карпош, ќе се постават агрометеоролошка станица за заштита наземјоделските култури и животната средина во општините во Југоисточниот плански регион, ќе се изврши реконструкција на ски-лифтовите на Пониква, изградба на парк за деца и лица со посебни потреби и слепи во Битола, поставување паметни инфо и промо центри во Гостивар, Маврово и на Попова Шапка, уредување атрактивни зони и патеки во Охрид, Струга и Општина Дебарца, изградба на Скејт-парк во Кавадарци и уредување пешаки и велосипедски патеки во општините од Вардарскиот плански регион и изградба и валоризација на спортско-рекреативен центар Бислим.

Во делот на Грантова шема за иновативни проекти поддршка добија, фокусот беше ставен на добивање комплетно нов производ, услуга, организациско решение, процес, надградување на постоечкиот производ, услуга, организациско решение или нов начин на искористување на постојниот производ.Вкупниот фонд за иновативните проекти е 312 илјади швајцарски франци, а вклучуваатизградба на мултифункционално игралиште, оформување сензорни соби за деца со посебни потреби во училишта во Штип, Кочани и Делчево, изградба на адреналински парк, изградба на параглајдерска платформа во Демир Капија, заеднички работен простор за соработка меѓу мали и средни претпријатија. 

Реализацијата на сите одбрани проекти треба да заврши до декември 2020 година.

 

Линк до видео од обраќањето на вицепремиерот Анѓушев:

English
АКТУЕЛНОСТИ: