28 мај 2019
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со сопругата Зорица Заева, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска и бизнис делегација престојува во официјална дводневна посета на Република Словенија, во рамките на која оствари средби со бизнисмени и претставници на државниот врв на Словенија, а ќе присуствува и на Бизнис форумот во организација на Стопанските комори на Северна Македонија и Словенија.
Во продолжение, ви ја пренесуваме интегрално изјавата на премиерот Заев, дадена на прес-конференцијата, на која учествуваше заедно со словенечкиот колега и домаќин, Марјан Шарец:
„Дозволете прво да се заблагодарам на граѓаните на Република Словенија за ова прекрасно гостопримство кое што преку вашата Влада ни е овозможено да бидеме овде, на покана на вашата Влада и да уште еднаш, покрај потпишувањето на овие два договори, ги потврдиме и се обидеме да ги унапредиме одличните соработки кои што постојат помеѓу Република Северна Македонија и Република Словенија.
Секако, најмногу сме посветени, да ги отвориме перспективите за економијата, како што рече премиерот Шарец, но и за културата, за образованието и за сите други аспекти на меѓусебното функционирање. Сакам да изразам голема благодарност, Словенија е првата земја, по Грција, која што го ратификуваше Протоколот од НАТО, заедно со Договорот од Преспа. Словенија е првата земја која што го ратификуваше Протоколот од НАТО и беше одличен акцелератор и забрзувач на ратификацијата на Протоколите за членството на нашата земја, Република Северна Македонија во НАТО Алијансата. За нас, тоа значи мир, стабилност, безбедност, но веднаш значи и економија.
Овде денеска, сме исто така да замолиме за континуираната поддршка од Словенија да продолжи и во делот на нашиот пат на интеграцијата во Европската Унија. По Договорот од Преспа, по Договорот со Бугарија, интеграцијата на целото наше општество, преку „Концептот - Едно општество за сите“ ние сме мултиетничка земја, навистина и 100 процентното исполнување на реформите, заслужуваме по 14 години земја-кандидат да добиеме продолжување на процесот, а тоа е почеток на преговорите со Европската Унија. Ние сме свесни, дека треба години да поминат за да бидеме полноправна членка, но овој процес на мотивација за нас ќе биде многу значаен затоа што тоа е наша водилка и тоа нè охрабрува да продолжиме да бидеме уште повеќе европска земја, поголема демократија, поголеми слободи и да го усовршуваме нашето општество. Секако, денеска сме овде да зборуваме и за економијата, сакам да знаат граѓаните на Словенија дека словенските продукти во нашата земја важат за проверени. Словенечките компании во нашата земја важат за потврдено и проверено. И ние сме среќни за целата таа соработка што ја имаме со Словенија.
Сакаме да ја унапредиме. Словенечките компании се инвеститори со 375 милиони евра во нашата земја и продолжуваат со своите инвестиции.
Вчера имавме среќа, да објавиме заедно со претставник на компанијата „ТАБ МАК“ нова инвестиција од 25 милиони евра, која што ќе отвори нови 100 работни места во Северна Македонија. Значи, еве, 400 милиони евра поминуваме, словенечките инвестиции во Северна Македонија.
Ние имаме овде и значајна инвестиција од Северна Македонија, во Словенија. Тоа е компанијата „ИГМ“, која што направи инвестиција поголема од 45 милиони евра, отвори доста работни места, каде што во соработка со Владата и со локалната самоуправа навистина претставува нов извозен капацитет на Словенија, кој што отвори работни места и го зголемува Бруто домашниот производ (БДП) на Словенија. Јас верувам дека можеме да ја унапредиме и трговијата, која што е 300 милиони евра, помеѓу нашите две земји.
Премиерот на Словенија, постави еден убав таргет, од 500 милиони евра. Ние, како политичари, ќе бидеме овде, тоа да го овозможиме, а нашите компании токму тоа и да го постигнат, затоа што навистина сме земји пријатели. Нашето пријателство е познато, уште од времето на поранешна Југославија, продолживме со тоа големо пријателство од самостојноста на нашите две земји и Словенија важи за еден од најголемите пријатели на граѓаните на Република Северна Македонија.
Сакам, да ги информирам граѓаните дека денеска, јас остварив средба и со претседателот Пахор, кој што исто така ја подржува Република Северна Македонија.
Ќе имаме можност да бидеме присутни на состанокот со претседателот на Парламентот, Жидан, каде што ќе разговараме за парламентарната соработка помеѓу нашите две земји.
Заедно со Премиерот Шарец, ќе бидеме присутни на Економскиот форум на бизнисмените од Северна Македонија и од Словенија, за да уште еднаш го споделиме тоа искрено пријателство, да бидеме на располагање за сè што им треба, само тие да ја унапредат повеќе и економската соработка помеѓу двете земји. Изразувајќи благодарност за големото пријателство на словенечкиот народ кон нашата земја, преточен преку вашите претставници, Премиерот, министрите во Владата, Претседателот на државата, Парламентот и вашите пратеници, навистина во иднина ќе продолжиме да возвраќаме само со пријателство и со голема почит за сета поддршка што ја правите кон Северна Македонија и сите граѓани на нашата земја“.
Линк до видео од заедничката прес-конференција:
Линк до видео од потпишување меморандуми за соработка: