Објавен јавниот повик за изградба на фотонапонски електрани во Свети Николе и Македонски Брод – Вицепремиерот Анѓушев: Едноставна процедура за аплицирање, главен критериум за добивање на локација е понискиот Премиум

10 јуни 2019


Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, учествуваше на презентација на јавниот повик за изградба на фотонапонски електрани со инсталирана моќност од 35 MW, кои се планирани да се градат на државно земјиште во Азамбегово (Свети Николе) и Манастирец (Македонски Брод), настан кој се организираше во Стопанската комора на Македонија од страна на Македонската енергетска асоцијација.

Вицепремиерот Анѓушев, зборувајќи  пред присутните, во најголем дел претставници на компании кои се активни во енергетскиот сектор, потенцираше дека постапката за доделување на локации за изградба на фотонапонски електрани на државно земјиште ќе биде целосно транспарентна, а одлуката ќе биде донесена по јавното отворање на доставените понуди, во Клубот на органите на државна управа (Клуб на пратеници), кон крајот на август 2019 година.

„Процедурите за аплицирање се едноставни, не постојат комплицирани услови за инвеститорите за учество на јавниот оглас. Инвеститорите е потребно да ги исполнат критериумите согласно Законот, односно да го докажат бонитетот на компанијата и да прикажат позитивни биланси за деловните активности, како и да компанијата нема заостанати долгови кон други правни лица, односно да достави доказ за неосудуваност и доказ дека нема забрана за вршење на дејноста“, истакна Анѓушев.

Вицепремиерот појасни дека главен критериум за добивање на некоја од локациите, е понудата за Премиум која инвеститорите ќе ја достават во апликацијата, дозвола за изградба ќе добијат оние кои ќе понудат понизок Премиум, односно ќе побараат пониска субвенција од државата.

“За да се задоволат потребите на сите инвеститори, парцелите на кои ќе се гради се поделени на разни големини, има парцели на кои ќе може да се изградат фотонапонски електрани од 10 MW, 5 MW, 2 MW и 1 МW. Владата, со цел да им олесни на инвеститорите, ќе ги олесни сите административни процедури за инвеститорите, а воедно ќе ги заврши сите потребни процедури за пренамена и урбанизација на земјиштето каде што ќе се гради. Обврска на инвеститорот, по добивање на локацијата е да изработи основен и еколошки проект, како и да ја набави потребната опрема. Владата, во име на инвеститорите, ги заврши и преговорите со операторот на дистрибутивната мрежа, при што е договорена атрактивна цена од 20-30 илјади евра по приклучок за секој инвеститор “, дополни вицепремиерот.

Анѓушев истакна дека ова е првиот од серијата на јавни огласи за изградба на фотонапонски електрани по принцип на Премиум, со што се прават напори значително да се зголеми производството на енергија од обнови извори и да се искористат природните ресури со кои располага земјата. Тој најави дека следува и јавен оглас за изградба на фотонапонски електрани со инсталирана моќност од 27 MW, на приватно земјиште, а по завршување на двата јавни повици и изградбата на фотонапонските електрани, прозводството на енергија од фотонапонски електрани ќе биде за три пати повисоко од она во моментот, кадешто имаме  инсталирана моќност од околу 18 MW во сите изминати години.

Вицепремиерот Анѓушев додаде дека за изградба на предвидените фотонапонски електрани со инсталирана моќност од 62 MW, се очекува инвестициски циклус во енергетиката од околу 50 милиони евра, при што појасни дека со принципот на Премиум, буџетот на државата нема да биде премногу оптеретен, а се добива значителен ефект во однос на зголемувањето на производството на електрична енергија од обновливи извори.
 

Линк до видео од изјава и обраќање на вицепремиерот Анѓушев:

English
АКТУЕЛНОСТИ: