Вицепремиерот Анѓушев, министерот Сугарски и директорот на Железници инфраструктура Асани ја посетија локацијата каде товарен воз излизга од шините – Владата ги презема потребните мерки за санирање на состојбите и брзо оспособување на железничкиот коридор

2 јули 2019


Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Железници инфраструктура Ирфан Асани и претставници од јавното претријатие Железници на Република Северна Македонија ја посетија локацијата во бизина на кумановско Черкези, а каде товарен воз се излизга од шините.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Владата во рамките на своите надлежности, ги презема сите активности во најкус временски рок да се заврши увидот, а потоа ќе се преземат сите мерки потребни за брзо санирање на железничката пруга и повторно оспособување на железничкиот коридор 10.

„Во моментот увидните екипи вршат увид, да видиме која е причината за ваквиот настан, но она што е среќна околност во сето ова да нема повредени и нема жртви. Тоа е најсреќната околност во сета несреќа. Има материјална штета која што е причинета и која што е евидентна позади нас и која што ќе се утврди дополнително. Причините за овој настан ќе ги утврдат увидните екипи кои што се составени од групи од Железници транспорт и Железници инфраструктура на кои што им асистираат од крим техника од Министерството за внатрешни работи, се разбира и од Основното обвинителство. Ние како Влада ќе направиме се што е во наша моќ, да пред се прво, колку што може побрзо биде завршен увидот, се надеваме дека тоа ќе биде во текот на денешниот ден и ноќта, а од утре веќе да почне санација на колосекот за да може повторно да се постави транспортниот правец север–југ односно коридорот 10 кој што во моментов ќе биде во застој. Ги правиме сите подготвителни активности, после завршување на увидот да може да се отстранат вагоните кои што се хаварисани од коловозот, а после тоа, Железници инфраструктура е подготвена во најбрз можен рок, во рок од 24 часа да ја санира пругата за да може да се воспостави повторно сообраќајот“, потенцираше Вицепремиерот Анѓушев за време на изјавите за медиумите.

Министерот за транспрт и врски потврди дека во несреќата нема повредени лица и дека е предизвикана определена материјална штета, а дополни дека ќе се работи на брзо расчистување на локацијата и оспособување на пругата.

„Владата целосно стои за да помогне во целокупната несреќа, која што за среќа нема човечки жртви и од наша страна, заедно со двете претпријатија, кои што сега ме информираа целосно околу она што ќе го направат, после комплетното завршување на сиот увид, бидејќи дел од дејствијата не можат да се направат додека не заврши увидот од страна на комисиите и се разбира од страна на МВР и ОЈО, меѓутоа по завршениот увид, целосно ќе влезат во функција во делот на отстранување на вагоните и во делот на санирање на пругата. Така да, од наша страна, тоа го кажавме и со вицепремиерот, ќе застанеме комплетно за колку што може ова побрзо да се санира и се разбира да се оспособи железничкиот сообраќај во овој дел“, рече министерот Сугарески.

Ирфан Асани, директорот на Железници инфраструктура појасни дека останатиот дел од железницата на релација Скопје-Куманово-Табановце е во добра кондиција, а кусата делница на пругата која е во моментов надвор од употреба може брзо да биде санирана по расчистување на локацијата. 

„Екипите од Инфраструктура транспорт заедно со други надлежни лица од останатите институции работат на терен и во најкраток можен рок, ќе излезат со објаснување за тоа што се случи. Паралелно се работи и на расчистување на пругата и ние како Инфраструктура сме спремни, во најкраток можен рок да ја расчистиме и за максимален период од 24 часа пругата повторно да биде пуштена во употреба“, изјави Ирфан Асани.

 

Линк до изјавите на вицепремиерот Анѓушев, министерот Сугарески и директорот Асани:

 

English
АКТУЕЛНОСТИ: