Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев на промоција на старт ап проекти добитници на грантови од двата повика на Стартапувај: Вложувањето во вашите старт ап бизнис идеи е вложување во иднината и во нашиот заеднички напредок и прогрес

10 јули 2019


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев имаа свои обраќања на настан во организација на Фондот за иновации и технолошки развој за промоција на 48 старт ап проекти добитници на финансиска поддршка од двата повика на Стартапувај. 

„Денеска сме на промоција на 48 старт ап бизнис идеи кои добија поддршка преку двата повика од Стартапувај. Кога треба да ги поддржиме младите луѓе и нивните иновативни бизнис идеи тогаш задоволството е обострано и е најголемо. Вложувањето во вашите старт ап бизнис идеи е вложување во иднината и во нашиот заеднички напредок и прогрес“ рече премиерот Заев. 
Тој им се обрати на добитниците на грантови од повикот Стартапувај и потенцираше дека младите луѓе се носители на промената што се случува во нашата земја.
„Јас сум уверен дека сите овие 48 проекти ќе бидат успешни и ќе донесат нова додадена вредност во нашата економија и на свој начин ќе го подобрат нашиот заеднички живот. Фондот за иновации и технолошки развој заедно со Светска Банка обезбеди средства во висина од 1.8 милиони евра како финансиска поддршка за овие проекти. Со поддршката на овие старт-апи се отвораат 45 за старт нови работни места, а просечната исплатена плата е во износ од 462 евра“, нагласи премиерот Заев.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека денешното време е време на стартап компаниите. Тој тоа го поткрепи со фактот што во светот постојат компании со повеќе децениска традиција, сепак и покрај нивната успешност и традиција,голем дел од највредните компании во денешно време не се постари од 15-20 години,а започнале како стартапи.
 
„Амазон, Фејсбук, Тесла, Ејпл се компании кои започнале како стартапи, имале брз раст, а денес вредат многу. Друг пример е Mobile Eye, стартап компанија од Израел, кои го иновираа системот за самоуправувачки возила, а е продаден за двоцифрена вредност во милијарди. Владата ги креираше мерките од Планот за економски раст токму во таа насока, за поддршка на компаниите технолошки да се развиваат и да внесуваат иновативни решенија и резултатите покажуваат дека мерките се искреирани правилно. Во 2019 година обезбеден е рекорден износ на средства во буџетот за економските програми на Владата, за 47% повеќе средства во однос на 2018 година, со кои се поддржуваат  странските, но во уште поголем број домашните компании“, нагласи Анѓушев.

Настанот го водеше директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски кој рече:
„Оваа влада е вистински партнер на младите во земјава. И тоа не со ветувања туку со конкретни мерки кои даваат вистински резултати. ФИТР до сега има вложено околу 2,5 милиони евра во околу стотина стартап компании. Поттикнавме млади луѓе да се охрабрат своите идеи да ги претворат во успешни бизниси.  Веќе работиме на креирање нови мерки со кои ќе се олесни основање на компании и пристапот до странски инвеститори. Целта ни е овде да создадеме европски услови и стандарди, со цел да се спречи одливот на мозоци од земјава, и да покажеме дека можеме да извезуваме иновативни продукти и услуги наместо човечки капитал“, рече директорот Деспотовски. 

 

Линк од обраќањето на ПВРСМ Заев на промоција на стартап проекти-„Стартапувај“: 

Линк од обраќањето на ЗПВРСМ Анѓушев на промоција на стартап проекти-„Стартапувај“

English
АКТУЕЛНОСТИ: