Вицепремиерот Анѓушев и министерот Бектеши ги презентираа измените и дополните на Законот за финансиска поддршка на инвестициите – Олеснети критериуми и зголемен обем на компании кои можат да аплицираат за државна помош

11 јули 2019


Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија м-р Крешник Бектеши, ги презентираа усвоените измени и дополни на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, при што ги повикаа компаниите да аплицираат за финансиска поддршка за мерките согласно Законот.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека со измените и дополнувањата на Законот се зголемува обемот на компании кои може да користат државна помош, се олеснуваат критериумите за аплицирање и се врши допрецизирање на термините и одредбите во Законот. Согласно податоците од Централниот регистар, околу 4000 компании го задоволуваат основниот критериум, односно имаат започнато производствен инвестициски проект, со што добиваат можност да аплицираат за државна помош.

„Со измените се превидува да се опфатат и компаниите од информатичките технологии, што со првичната верзија на Законот не беше предвидено, а утврдивме дека во овој сектор има сериозен потенцијал за раст. Дополнително се вклучени и компаниите од преработувачката индустрија за земјоделски производи, освен оние кои користат средства од ИПАРД програмата, бидејќи не може да добиваат двојна поддршка. Опфатени се и компаниите кои имаат трговска дејност, а сакаат да отворат производствен погон, и тие добиваат можност да аплицираат за државна помош, како и компаниите од градежниот сектор, кои не можеме да ги субвенцинираме за градење на станбени или деловни објекти, но би можеле да добијат државна помош за производствената компонента, односно набавка на машини и опрема“, појасни вицепремиерот Анѓушев. 

Законот за финансиска поддршка на инвестициите е донесен во мај 2018 година и веќе дава резултати, што се рефлектира и преку растот на економијата. Овој закон треба да овозможи македонското стопанство да стане поконкурентно, попродуктивно и да ги достигне стандардите и нормите за да се бори со сите останати економии во светот, нагласи вицепремиерот Анѓушев.
    

Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека  веќе се потпишани и правилниците кои произлегуваат од овој закон, па од следната недела  сите заинтересирани компании ќе можат да доставуваат апликации за да ги користат мерките од Планот за економски раст, согласно измените и дополнувањата на новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите. 

„Владата континуирано докажува дека е посветена кон соодветна и најтранспарентна соработка со бизнис заедницата во Република Северна Македонија. Откако е формирана оваа Влада, во соработка со стопанскиот сектор и кабинетите на вицепремиерот Анѓушев и на Министерството за економија, создадовме сосема нова индустриска политика, нудејќи можност и на домашните компании да ги искористат сите можности кои ги нуди државата преку своите институции. Значи, изготвивме нов Закон за финансиска поддршка на инвестициите, транспарентен закон, кој однапред им дава упатства, насока на компаниите кои деловни субјекти и колку можат да бидат помогнати од Владата, со единствена цел истите тие компании да направат храбри чекори и да направат нови инвестиции. Со новите инвестиции компаниите не само што ќе придонесат кон економскиот раст во земјата, туку ќе создадат и нови работни места, а истовремено ќе го зголемат и квалитетот на живот и стандардот на сите граѓани во државата, имајќи превид дека токму со овие мерки е превидена помошта за сите тие кои што ќе ги зголемат платите на вработените во нивните компании“, истакна Бектеши, додавајќи дека причините за измените во законот се проширување на дејноста на компаниите кои можат да ги користат мерките, а кои се претходното законско решение не го уживаа ова право, а продолжувањето на рокот од јуни до 15 октовмри им овомозожува на компаниите повеќе време да ги подготват апликациите за искористување на мерки. 

Компаниите кои имаат веќе склучено договори за поддршка со Владата, имаат можност до 1 август 2019 година, да аплицираат за усогласување на договорите со новите измени и дополнувања на Законот. Компаниите кои веќе имаат реализирано инвестиции во 2018 година и сакаат да склучат договор за финансиска помопш, препорачливо е да поднесат барање до Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот или до Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони исто така до 1 август, за да осигураат дека државната поддршка им биде исплатена до крајот на 2019 година.

 

Линк до видео од прес конференцијата на Вицепремиерот Анѓушев и министерот Бектеши: 

 

English
АКТУЕЛНОСТИ: