Вицепремиерот Анѓушев, директорот Младеновски и градоначалникот на Охрид Георгиески во посета на фабриката на Костал во Охрид – Костал продолжува со инвестирање и развој, се вработуваат млади едуцирани лица со високи примања

17 jули 2019


Заменикот  на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, ја посетија фабриката на Костал во Охрид, каде остварија средба со извршниот директор на групацијата „Леопод Костал“, Каи Кникман и потпретседателот на групацијата, Кристофер Сандерс, на која беа информирани за развојните планови на оваа компанија во нашата земја.

Вицепремиерот за економски прашања Анѓушев изјави дека Костал има големо значење за охридско/струшкиот регион, во делот на креирање на бруто домашниот производ и креирање на квалитетни и добро платени работни места за младите лица, а додаде дека компанијата во втората фаза ќе реализира инвестиции од околу 40 милиони евра, за кои веќе е склучен договор за државна поддршка.

„Ние како држава ќе направиме се што е во наша моќ,  да привлекуваме реномирани странски инвеститори, да ги стимулираме повеќе да соработуваат со домашната економија,  пред се компании коишто ќе отвораат работни места за лица со високо образование, односно добро платени работни места. Денеска ги слушнавме информациите дека 42 % од вработените во Костал се со високо образование и дека просечната бруто плата во оваа компанија изнесува над 820 евра, што е исклучително, а е истовремено и цел на Владата, како константно подобрување на условите и за вработените, а и секако стимулирање на растот на платите во нашата држава. Јас ја користам оваа прилика да им честитам на Костал, да ја искажеме нашата спремност да соработуваме со нив и понатака, да го искажам задоволството од нивното присуство во нашата држава, како компанија којашто е од високо технолошкиот развиен свет, точно тоа што нас ни е потребно и точно тоа што сакаме да стимулираме во нашата држава да се случува. Ова е само една од инвестициите која што во моментот се случуваат во државата како втора фаза на веќе постојна инвестиција, знаете сите дека во моментот се градат околу 30 фабрики во нашата држава и како резултат на тоа се и бројките за странски директни инвестиции коишто минатата година достигнаа рекордни 624 милиони евра или над 700 милиони долари, коишто се повеќе 260 проценти од просекот во претходните години и коишто практично продолжуваат и понатаму да растат“, изјави вицепремиерот Анѓушев по средбата со менаџментот на Костал и обиколката на новоизградениот објект на компанијата. 

Извршниот директор на групацијата „Леополд Костал“, Каи Кникман, изрази задоволство од развојот на компанијата во Северна Македонија и нагласи дека компанијата ќе продолжи со инвестицискиот циклус.

„Во моментот вработуваме 400 луѓе, коишто работат со високо технолошки процеси и навистина е задоволително да се види како од браунфилд објект сме дојдени до оваа состојба денес. Замислете дека порано тука функционирала фабриката ЕМО, а тоа сега можете да го препознаете доколку погледнете некои стари слики. Исто така сакам да ви кажам дека ова е само првиот чекор од плановите коишто ги имаме за во иднина и би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам за поддршката што ни ја обезбеди локалната заедница, градоначалникот и Владата  на Република Северна Македонија“, потенцираше Кникман.

Во посета на компанијата беше и амбасадорот на СР Германија во земјава, Н.Е. Томас Герберих, кој посочи дека билатералните односи помеѓу двете земји се на високо ниво, како и дека германската Влада ќе продолжи со поддршка на економијата и на патот на интеграциите на нашата земја во Европската Унија.

„Нашите билатерални односи се на навистина високо ниво. Можам да кажам дека имаме 200 германски компании коишто имаат инвестирано во државата и коишто обезбедуваат преку 15000 работни места, со што сметаме дека помагаме на патот на интеграциите на државата во ЕУ. Сакам да кажам дека германската влада исто така планира да продолжи со ваквата поддршка и во иднина“, нагласи Амбасадорот Герберих.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески посочи дека општината ги поттикнува младите луѓе да се едуцираат, да добиваат нови знаења, да се обучуваат и добиваат вештини, за полесно да дојдат до квалитетни и добро платени работни места, какви што несомнено има и во Костал. 

 

Линк до видео со инсерти од посетата: 

Линк до видео од изјавата на вицепремиерот Анѓушев: 

Линк до видео од изјавата на извршниот директор на „Леополд Костал“, Каи Кникман: 

Линк до видео од изјавата на амбасадорот на СР Германија, Н.Е. Томас Гереберих: 

Линк до видео од изјавата на градоначалникот на Охрид, Георгиески: 

English
АКТУЕЛНОСТИ: