4 септември 2019
Градоначалници од 11 општини и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, потпишаа договори за реализација на капитални инфраструктурни проекти преку Програмата за рурален развој на свечен настан на кој присуствуваа и Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
Вицепремиерот Анѓушев, обраќајќи се на присутните, истакна дека ова се само дел, од над 200 проекти, кои сите 80 општини и плански региони ќе ги реализираат оваа година преку Програмата за рурален развој.
„Станува збор за една многу важна програма, со која се подобрува квалитетот на животот и се овозможува обновата и развојот на руралните средини, а воедно се зачувуваат и унапредуваат традиционалните вредности. Оваа година година обезбедивме рекордни 38 милиони евра за Програмата за рурален развој, за да обезбедиме рамномерен регионален развој и да сите места во државата го подигнат квалитетот на живот. Со реализација на овие договори ќе се решаваат предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, со изградба и рехабилитација на патишта, водоводни и канализациони сситеми, организација на пазари и откупни места во руралните места“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Димковски нагласи дека е ставен силен фокус на реализација на трите мерки од Програмата за рурален развој, бидејќи нивната реализација значи севкупен развој на инфраструктурата во Република Северна Македонија. Тој појасни дека по потпишувањето на договорите со АФПЗРР, општините имаат можност да користат 20% аванс од предвидените средства за проектите.
„Овие средства општините ќе ги инвестирани во капитални инвестиции за подобрување пред се на локалните патишта во руралните средини, инвестиции во канализациона инфраструктура, партерно уредување во руралните средини, изградба и реконструкција на мостови, за развој на одредени туристички точки кои што можат да бидат интересни како за домашните така и за странските туристи“, дополни Димковски.
Директорот на Платежната агенција Бабовски појасни дека вкупната вредност на договорите кои се потпишани е близу 1,5 милиони евра за реализација на капитални инвестиции во Македонски Брод, Новаци, Сопиште, Берово, Виница, Чешиново – Облешево, Велес, Крушево, Пласница, Дебар и Кратово.
„Доколку се ви е подготвено, технички веќе од овој момент можете да отпочнете со градба на проектите за кои денеска потпишавте договори. Како ќе се потпишуваат договорите за останатите мерки за кои имате конкурирано и се одобрени како проекти, така ќе може да влезете во инвестиции и нивна реализација. Радува фактот што покажавте голем интерес за искориствање на средства преку овие мерки и некои од општините аплицираа и добија поддршка за еден, некој по два или три проекти“, потенцира директорот Бабовски.
Видео од обраќање на Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев:
Видео од обраќање на МЗШВ Трајан Димковски:
Видео од обраќање на ДАФПЗРР Николче Бабовски: