10 септември 2019
Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, денес во Стопанската комора на Македонија, пред претставници на компании, членки на Комората ги презентираше измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, усвоени неодамна, како и мерките од Предлог Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, кој само пред неколку дена е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека економијата во земјата се развива во добра насока, а за тоа доказ е растот на бруто домашниот производ од 4,1% во првиот квартал и од 3,1% во вториот квартал на 2019 година, но и дека Владата оцени дека е вистински момент, со дополнителни стимулативни мерки реалната економија, која е носител на економскиот раст, дополнително да се раздвижи.
„Знаете дека оваа година го изменивме и модифициравме Законот за финансиска поддршка на инвестициите врз база на барањата од стопанството, односно од коморите и компаниите. До минатата година имаше право да користи финансиска поддршка само тој што не го намалуваше бројот на вработени. Со измените на Законот дозволена е толеранција до 5 %, во поглед на намалување на вработените во годината која се аплицира, во споредба со претходните три години. Го проширивме опфатот на компании, вклучени се фирмите од информатичкиот сектор, како и фирмите коишто се регистрирани како трговски или некоја друга гранка, кои пред измените, не беа во можност да аплицираат иако решиле да прават производство. Сега и тоа е дозволено, без разлика која е регистрацијата на фирмата, ако таа одлучи да направи производство, во делот на производството може да биде субвенционирана. Во опфатот сега се вклучени и фирмите коишто се од земјоделството, ако реализираат инвестиции во преработувачка индустрија. Со други зборови Законот е за поддршка на индустријата. Согласно податоците со кои располагаме околу 4000 компани ги исполнуваат условите да аплицираат за мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Ве поттикнувам да аплицирате, искористете ги мерките, државата сака да ви помогне во делот на тоа што веќе сте го направиле како инвестиција, да ви врати дел од средствата. Без разлика колкави се вашите инвестиции ќе добиете назад дел од средствата така како што кажува Законот“, потенцираше Вицепремиерот.
Вицепремиерот се осврна и на мерките планирани со Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, кои исто така се произлезени како барање и потреба на стопанството.
„Најголем дел од стопанствениците се соочуваат со проблемот на работна сила, односно со наоѓање на квалитетни и квалификувани вработени или со задржување на квалитетниот обучен кадар. Сите тие вршат притисок за покачување на плати. Притисокот го прави реалниот пазар од повеќе причини. Прво од причина што веќе квалификувани работници и нема премногу во државата, а втората причина е што е лесен пристапот до другите земји кадешто можат да најдат работа и со самото тоа се прави една состојба на пазарот на недостаток на работна сила којашто ние мораме отворено да ја дискутираме. Тука решението е во две насоки. Едната насока е во промена на образовниот систем и предложени се повеќе мерки во таа насока. Вториот правец е во делот да видиме како на квалитетните вработени да им се обезбедат повисоки плати. Сите вие сте соочени со еден проблем или со една трка, а тој проблем е што вие би ги зголемиле платите, затоа што јас не познавам совесен сопанственик којшто не би сакал да ги задржи квалитетните работници, меѓутоа кога ќе ги зголемите платите прашање е дали вашата ликвидност може тоа да го издржи. Во таа насока ценевме дека можеби е добро ние како држава во тој дел можеме да помогнеме. Се разбира не можеме да ги субвенционираме платите на вработените меѓутоа можеме да помогнеме во делот на придонесите. Го цениме тоа како инвестиција во човечкиот капитал. Мерката е едноставна, во вредноста од 600-6000 денари сите тие коишто сакаат да зголемат плата на вработен, а како референтна плата се цени просечната плата во претходните 3 месеци, во тој случај работодавецот треба да ја плати нето платата и персоналниот данок за вработениот, а државата ќе ги плати останати средства: придонесите за здравствено осигурување, пензиско осигурување и другите додатоци коишто се во пакетот на социјални придонеси, којшто ги плаќа секој работодавач. Со други зборови доколку сакате да ја покачите платата за 100 евра, сега би требало Вие на тоа да платите 10%+27,7%, а со новите мерки ќе треба да се плати само 10%, а 27,7 % ќе плати државата и тоа значи ќе ги уплати реално тие пари во фондовите. Со тоа нема да бидат оштетени ни пензискиот ни здравствениот фонд, напротив, само ќе се дополнат средствата во овие фондови“, заврши вицепремиерот Анѓушев.
Линк до видео од обраќање на вицепремиерот Анѓушев: