Вицепремиерот Анѓушев, министерката Царовска и министерот Адеми во работна посета на Швајцарија – Да се искористат сите позитивни аспекти од швајцарскиот систем за учење преку работа и да се адаптираат за условите во нашата земја

18 септември 2019


Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за образование и наука д-р Арбр Адеми, на покана на Владата на Швајцарија, ја започнаа работната посета во Берн, поврзана со швајцарските искуства за стручно образование и обука.

Работната посета на Швајцарија Владината делегација ја започна со средба со Швајцарскиот федерален институт за стручно образование и обука (SFIVET- Swiss Federal Institut for Vocational Education and Training) и средба со Државниот секретаријат за истражување и иновации во образованието (SERI- State Secretariat for Education, Research and Innovation). На средбите беше презентиран швајцарскиот систем за учење преку работа, кој се спроведува преку 15 години. 
Вицепремиерот Анѓушев, министерката Царовска и министерот Адеми се согласија дека Швајцарија е една од земјите лидери во оваа област и токму затоа оваа работна посета е особено значајна бидејќи може да се осознаат сите аспекти на организацијата на учењето преку работа, вклучувајќи ја и организацијата на образовниот процес, учеството на државата и компаниите во истиот, финансирањето и други аспекти.

Вицепремиерот Анѓушев за време на средбите истакна дека Република Северна Македонија има намера да го прилагоди системот за учење преку работа на свои потреби и дека швајцарското искуство ќе биде од особено 

значење со оглед на тоа дека оваа активност во Швајцарија се спроведува речиси две децении. 

„Швајцарскиот модел за учење преку работа е многу успешен и се имплементира речиси 2 децении. За нас ќе биде од голема корист да ги согледаме сите аспекти како тој се применува. Осознавме дека овој процес е личен избор на секој од учениците и дека постои голем интерес кај самите ученици. Нашите планови се системот за образование да го развиеме за потребите на стопанството, да им дадеме квалитетно стручно образование на младите луѓе со што ќе обезбедат квалитетни работни места. Разбираме дека ќе биде потребно време, но овој процес мора да отпочне бидејќи нема развој на економијата без соодветен развој на човечкиот капитал“, потенцира Анѓушев.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, нагласи дека со Законот за практиканство се овозможува поголема вклученост на млади луѓе во работата на компаниите, но и дека се работи на нов Закон за работни односи со кој ќе се овозможи поголема вклученост на младите лица од средното образование, во производствените активности на компаниите. 

„Инвестираме многу во раниот детски развој, кој е основата за понатамошно образование. Сакаме да ги запазиме сите аспекти за да овозможиме поголема вклученост на младите лица во работа, а притоа истите да бидат соодветно социјално заштитени и вклучени во пазарот на трудот. Преку оваа работна посета ќе добиеме искуства од една од најразвиените економски земји во светот, како што е Швајцарија, а потоа истите ќе ги моделираме за нашите потреби“, посочи Царовска.

Министерот за образование и наука, д-р Арбр Адеми посочи дека се прават интензивни подготовки за измена на законите со коишто ќе се овозможи практична работа на учениците од средното образование за коешто би биле платени, но и засилување на капацитетите на средните технички училишта и техничките универзитети.

„Веќе спроведуваме пилот програма во неколку средни училишта и во соработка со неколку компании за примена на т.н. дуално образование. Воочуваме позитивни аспекти од оваа пилот програма и сакаме во најбрз можен рок, ако е можно и наредната училишна година да ги примениме во сите средни технички училишта низ земјата. Дополнително ги зајакнуваме капацитетите на средни технички училишта и техничките факултети затоа што реално тие произведуваат кадар кој е потребен на стопанството“, кажа Адеми.

Во попладневните часови, владината делегација ќе се сретне и со заменикот државен секретар за надворешни работи Н.Е. Кристина Марти Ланг со која ќе разговараат за унапредување на соработката на Република Северна Македонија и Швајцарија. 
 

English
АКТУЕЛНОСТИ: