Вицепремиерот Анѓушев на тркалезна маса во организација на Македонска берза АД – Владата активно работи на раздвижување на пазарот на капитал, ги охрабруваме компаниите да стануваат акционерски друштва

02 oктомври 2019


Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев присуствуваше и се обрати на свеченото отворање на настанот – Тркалезна маса „Идната улога на пазарите на капитал во малите и отворени економии“, во организација на Комисијата за хартии од вредност и Македонска берза АД Скопје.

Вицепремиерот Анѓушев, обраќајки се на отворањето на настанот, потенцираше дека Владата на Република Северна Македонија и Министерството за финансии активно работат на развојот на финансискиот пазар, а со тоа и на пазарот на капитал, преку усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ. Постојниот Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закони: Закон за пазарот на хартии од вредност и Закон за понуда и издавање на хартии од вредност.

„Овие два закони ќе овозможат пофлексибилно и подинамично тргување со хартии од вредност. Цениме дека берзата во иднина треба да има се поголема улога во економското живеење во нашата држава и да се користи како  механизам за вбризгување на свеж капитал  во компаниите. Се надевам дека ќе можеме во иднина да гледаме и ИПО активности на берзата, дека се повеќе компании ќе се осмелуваат да префрлаат од друштва со ограничена одговорност во акционерски друштва, бидејќи јасно и познато е дека сите фамилијарни компании во развиениот свет почнувале како друштва со ограничена одговорност, а подоцна сите тие преминувале во акционерски друштва бидејќи на тој начин обезбедувале свеж капитал за свое проширување, за проширување на своите дејности. Јасно е дека во рамките на една компанија тешко дека може да се обезбеди капитал за динамичен напредок и развој на компанијата и јас ги охрабрувам сите компании кои денес се друштва со ограничена одговорност, а имаат идеја за свој развој да преминат во акционериски друштва и да се обидат на пазарот на хартии од вредност да обезбедат свеж капитал за нивните компании“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Претседателката на комисијата за хартии од вредност, д-р Нора Алити посочи дека пазарот на хартии од вредност се уште претставува една недовршена приказна, како и дека има доста простор за понатамошен раст на овој пазар како внатре во државата но и преку регионално интегрирање.

„Денес сме тука да разговараме за предизвиците со кои се соочуваме како и за потенцијални одлуки и решенија за надминување на тие предизвици кои секако би требало да делуваат стимулативно,  а со тоа и на економскиот развој на државата. Има повеќе предизвици, на краток рок е усогласувањето на регулативата со ЕУ, па некои од страна на законите за капитално оданочување, задолжителна котација, значи сите овие фирми ќе ги дискутираме и ќе ги искажеме нашите ставови“, кажа Алити.

Извршниот директор на Македонска берза АД Скопје, Иван Штериев нагласи дека по долгогодишната хибернација и стагнација на пазарот, последните 2 години се бележи пораст на берзанското работење.

„Оваа година, по многу берзански показатели е втора најдобра година во последната деценија. Индексот е повторно во плус, 25% на годишно ниво неколку години по ред такашто тие се состојбите од аспект на динамиката, но се согласувам дека имаме и предизвици. Меѓу другото ако тие предизвици се фискалните аспекти, дали ќе се оданочат капиталните добивки, што ќе се случи со задолжителната котација која  важи за април идната година, така што оваа тркалезна маса ќе ги увиди и тие моменти“, посочи Штериев.

 

Линк до видео од воведно обраќање на вицепремиерот Анѓушев на настанот: 

Линк до видео од изјава на вицепремиерот Анѓушев во врска со настанот: 

Линк до видео од изјава на претседателката на КХВ Алити во врска со настанот: 

Линк до видео од изјава на извршниот директор на Македонска Берза АД Скопје Штериев во врска со настанот:

English
АКТУЕЛНОСТИ: