16 октомври 2019
Во потполно јавна и транспарентна постапка, денес, во Клубот на органите на државната управа, беше извршено отворање на доставени понуди за изградба на фотоволтаични централи на приватно земјиште, по претходно објавениот јавен повик на Министерството за економија. За вкупно понудени 27 мегавати инсталирана моќност, пристигнати се вкупно 44 понуди, од кои за фотоволтаици со инсталирана моќност од 0 до 200 КВ има 11 понуди; од 201-500 КВ, вкупно 10 понуди; од 501КВ до 1000 МВ има 19 понуди, а од од 1МВ до 3 МВ пристигнати се 4 понуди. Кога ќе се земат во предвид и доставените понуди за изградба на фотоволтаици на државно земјиште, за вкупно 62 МВ инсталирана моќност пристигнати се вкупно 126 понуди од заинтересирани инвеститори.
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, по отворањето на јавните понуди, информираше дека со донесувањето на новиот Закон за енергетика се овозможи зголемено производство на електрична енергија од обновливи извори, а двете тендерски постапки, за изградба на фотоволтаици на државно и на приватно земјиште, се спроведени максимално транспарентно, пришто компаниите пројавија голем интерес и се отвори една конкурентна постапка.
„Со оваа спроведена постапка за фотоволтаици на приватно земјиште и онаа претходно, која е во фаза на евалуација, за фотоволатици на државно земјиште, доаѓаат резултатите – во државава ќе се изградат над 62 МВ инсталирана моќност во фотоволтаици. Тоа се дел од оние 200 МВ што ветивме дека ќе ги направиме како Влада. Ова се првите 62 МВ и овие електрани ќе бидат, во споредба со она што досега е направено, наназад низ годините, кога се направени фотоволтаици од само 18 МВ, зголемување за трипати за само една година. Наредната недела ќе биде потпишан договорот ѕа изградба на фотоволтаична електрана од 10 МВ во Осломеј каде што инвестира ЕСМ, а би сакал да го најавам и проектот за 100 МВ на местото на Осломеј, термоелектраната во чија близина јагленот е исцрпен, а има трафостаноца која е во можност да прими до 120 МВ електрична енергија. Ова ќе биде првиот пример за енергетска транзиција, односно претворање на стариот рудник во фотоволтаична електрана. Таму се подготвува тендерска документација за два лота од по 50 МВ, значи вкупно 100 МВ над овие 10 МВ што Осломеј сам ги инвестира . Со сите овие инвестиции, овие 62 МВ, десетте мегавати во Осломеј и 100-те МВ дополнителни во Осломеј, како и планираната фотоволтаична електрана во РЕК Битола која се проектира на 20 МВ, ќе ја постигнеме инсталираната моќност од 200 МВ којашто ја ветивме на почетокот“, потенцира Анѓушев.
Министерот за економија м-р Крешник Бектеши, оцени дека успешноста на овој јавен повик и големиот интерес на инвеститорите ја потврдуваат заложбата на Владата и Министерството за економија за промоција и поттикнување производство на електрична енергија од обновливи извори.
„Кога го донесовме новиот Законот за енергетика го променивме моделот на кој ќе се фокусираме во иднина за производство на електрична енергија и преминавме од фидин на премиум тарифа и тогаш многу луѓе беа скептични дека овој модел нема да успее. Денеска се докажува спротивното, со тоа што има многу голем интерес од компаниите кои учествуваат на овој јавен повик да изградат нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори во Северна Македонија и тие капацитети да бидат во склоп со начелата за заштита на животната средина. По процедурата од тендерската постпака, следува избор на оние кои доставиле најповолна понуда согласно критериумите пропишани во јавниот оглас. Овој јавен повик е извонредна можност за сите граѓани, правни и физички лица, да реализираат инвестиции во енергетски проекти, а со тоа да се зголеми и производството на електрична енергија од обновливи извори“, подвлече Министерот Бектеши.
Линк до видео од изјавата на вицепремиерот Анѓушев:
Линк до видео од изјавата на министерот за економија Бектеши (на албански и македонски јазик):