14 ноември 2019
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, учествуваше на панелот „Југоисточна Европа, предизвици и перспективи“, во рамките на Самитот кој се одржа во Солун.
Вицепремиерот Анѓушев посочи дека Владата на Република Северна Македонија останува посветена на реформите поврзани со датумот за отворањето на преговори со Европската Унија, и покрај неодамнешната одлука на ЕУ, како и на членството во НАТО, пред се за обезбедување на владеењето на правото, стабилноста и економскиот развој на земјата и подобар живот на граѓаните.
„Република Северна Македонија ги направи сите потребни чекори за добивање на датум за отворање на преговорите, сепак ЕУ донесе одлука која е делумно разочарувачка, а е поврзана со процеси кои се случуваат во самата Унија. Ние остануваме посветени кон евро-атлантските интеграции за кои сметаме дека носат стабилност и просперитет. Членството во НАТО е веќе извесно и се надеваме дека ќе биде овозможено на почетокот на 2020 година, кога очекуваме парламентот во Кралството Шпанија да го ратификува протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО“, посочи вицепремиерот Анѓушев.
Анѓушев додаде дека во насока на побрз регионален развој, потребна е потполна посветеност и вклученост, особено во европските интеграции на сите земји од регионот. Договорите на Република Северна Македонија со Грција и Бугарија, Вицепремиерот ги оцени како добар пример на надминување на отворени билатерални прашања и посочи дека делуваат позитивно на економската соработка.
„Економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција, како и со Република Бугарија, изразена преку трговската размена, бележи позитивни резултати, особено во првата година по потпишување на договорите со овие две земји. Како резултат на овие договори трговската размена со Грција во 2018 година се зголеми за над 20%, додека со Бугарија за над 15%, а одреден пораст на соработката е забележан и во 2019 година. Зајакнувањето на политичката соработка, носи и економски бенефити за регионот“, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Линк до видео од изјавата на вицепремиерот Анѓушев на Самитот во Солун: