Вицепремиерот Анѓушев на средба со новоименуваниот австриски амбасадор Вуцас – Сите економски индикатори се позитивни, Северна Македонија атрактивна земја за австриските инвеститори

27 ноември 2019


Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев се сретна со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија, Н.Е. г. Георг Вуцас, со кого разговараа за соработката помеѓу двете земји, како и за актуелните економски и политички состојби во земјата.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека инвестициите од Република Австрија имаат големо значење за развојот на енергетскиот, осигурителниот, банкарскиот и други сектори и додаде дека бизнис климата е поволна за привлекување на нови инвестиции, особено во производствената дејност и за отворање на откупни центри за преработка на земјоделски производи. 

„Во изминатите две и пол години реализирани се повеќе економски проекти за побрз и одржлив економски раст, пред се за поттикнување на технолошки развој и имплементирање на иновации во компаниите, за повисока продуктивност и конкурентност на компаниите на домашниот и странските пазари. Како резултат на напорната работа, сите економски индикатори бележат позитивни стапки на раст и споредбено повисоки во споредба со претходните периоди од 2 и пол години. Статистката бележи стапки на пораст на БДП од над 3% во последните 5 квартали, бројот на нововработени лица во минатите две и пол години е над 54.000, невработеноста се намали на рекордно ниски 17.5%, просечните плати растат со побрза динамика, а индустриското производство и извозот растат со значителни стапки. Со Законот за финансиска поддршка на инвестициите и други мерки за поддршка Владта овозможува силна поддршка на стопанството, со што практично економскиот раст и развој се базира на работата на реалната економија, а не на проекти на Владата “, потенцира Анѓушев.

Вицепремиерот се заблагодари за постојаната поддршка од австриската Влада во процесот на евро-атлантските интеграции на нашата земја, а заедно со австрискиот амбасадор Вуцас, се согласија дека местото на Северна Македонија е во ЕУ и НАТО, со што ќе се обезбеди дополнителна сигурност и побрз и одржлив економски раст.
 

English
АКТУЕЛНОСТИ: