Од компанија во стечај, поранешен ФЕНИ, денес Еуроникел Индустри, благодарение на политиките на Владата извезува во вредност од 200 милиони евра и има плати за 30% повисоки од просекот во државата

27 ноември 2019


Стечајната постапка во ФЕНИ, денеска Еуроникел Индустри, не само што е најуспешна постапка во нашата историја, со расчистени долгови кон сите доверители, вклучително и кон вработените, туку денеска е компанија која со извоз од 200.000.000 милиони евра, учествува со 1,8% во вкупниот БДП на државата, и исплатува за 30% повисоки плати од просекот на своите работници, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на годишнината од работата на фабриката под раководство на новите сопственици, компанијата ГСОЛ од Швајцарија.

„Со новата производствена линија, инвестиција вредна 15 милиони евра која ја пуштаме во работа денеска, Еуроникел Индустри од Кавадарци идната година планира извоз на фероникел во вредност од 300 до 320 милиони евра, што е еднакво на 2,7% учество во домашниот БДП, што е неверојатно остварување кога се очекува годишната вредност на нашиот БДП да достигне блиску 4%“, нагласи премиерот Заев во Кавадарци. 

„Владата на Република Северна Македонија будно го следеше процесот на стечајната постапка од причини што овој комбинат е клучен за овој регион затоа што вработува 1000 наши сограѓани кои егзистираат токму од работата во Еуроникел Индустри“, рече премиерот Заев, и додаде дека оваа компанија е столб во креирањето на бруто домашниот производ и е, на еден начин, мотор на економскиот развој.

„Денес Еуроникел Индустри е производител на висококвалитетен никел, којшто успешно ги освојува пазарите во Европа, Азија и Америка. Тоа се пазарите на кои се извезува целокупното производство, со што компанијата се вбројува меѓу најголемите извозници од Северна Македонија. Денес сум среќен затоа што заедно со инвеститорот ГСОЛ ве заштитивме вас работниците и вашите работни места, а комбинатот продолжи да работи и да испраќа пораки ширум светот дека нашата земја е атрактивна инвестициска дестинација“, потенцираше претседателот на Владата на Северна Македонија, Заев на годишнината од рестартирањето на Еуроникел Индустри, поранешен Фени, во Кавадарци.

Вицепремиерот за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев потенцираше дека инвестицијата на швајцарскиот инвестициски фонд ГСОЛ во компанијата Еуроникел е особено важна за регионот, за државата, но пред се за вработените и нивните семејства. Тој потсети дека пред само 2 години, поради несериозниот пристап на претходниот менаџмент и неодговорноста на претходната Влада, постоеше голем ризик оваа фабрика да биде историја. 

„Пред само 2 години имавме еден безнадежен случај којшто претставуваше опасност да се претвори во една сериозна криза на економијата во државата и тоа не само за вработените и за регионот, туку и за целата држава зафаќајќи го банкарскиот сектор и сите останати доверители. Долговите на тогашната компанија Фени Индустри изнесуваа над 70 милиона евра и тоа претставуваше една сериозна опасност којашто беше предизвикана од неодговорно водење на компанијата и од страна на менаџментот, но за жал и од страна на државата тогаш. Мислам дека сите институции во државата изреагираа на начин на којшто треба, вклучувајќи ги сите институции кои беа вклучени во акцијата на зачувување на овој комбинат и денеска сме на оваа точка на која се наоѓаме, а тоа е да зборуваме за функционална, профитабилна фабрика и за фабрика со иднина. Со еден одговорен пристап, пред се на доверителите, на судот, на стечајниот управител и на сите други институции коишто беа вклучени во ова, ценам дека се дојде до денешната точка којашто мислам дека треба да биде еден добар пример, дека во нашата држава  може да се направи позитивен стечај со реорганизација кадешто доверителите ќе бидат 100% исплатени“, подвлече вицепремиерот Анѓушев.

Од менаџментот на Еуроникел Индустри потенцираа дека компанијата ги постигна овие резултати благодарение на поволната деловна клима, на поддршката од институциите и позитивните политики за привлекување на странските инвеститори, и благодарение на инвестицискиот фонд ГСОЛ и вработените, и дека со новите, зголемени капацитети и поддршката од сите наши стејкхолдери, се очекува понатамошен позитивен тренд.

 

Линк до видео од обраќањето на ПВРСМ Заев: 

Линк до видео од обраќањето на ЗПВРСМ Анѓушев: 

Линк до видео со инсерти: 

English
АКТУЕЛНОСТИ: