28 ноември 2019
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашање д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија м-р Крешник Бектеши, присуствуваа на свеченото потпишување на договорот за изградба на фотоволтаична електрана Осломеј, со инсталирана моќност од 10 мегавати, кој го парафираа директорот на АД Електростопанство на Северна Македонија, м-р Васко Ковачевски и претседателот на бордот на директори на компанијата-изведувач „Гиришим Електрик“, г. Мухатин Бехиџ Харманли.
Вицепремиерот Анѓушев, обраќајќи се на настанот, потенцираше дека ова е почеток и еден добар пример на енергетска транзиција, односно пренамена на производни капацитети на електрична енергија од фосилни горива, кои се накрајот на својот животен век, во енергетски капацитет кој произведува електрична енергија од обновлиив извори, поконкретно во овој случај изградба на фотоволтаична централа.
„Ова е само почеток од првите 10 мегавата инсталирана моќност во фотоволтаични електрани. Иако се ова само први 10 мегавата, тие се околу 50 % од се она што е направено во последните 20 години во нашата држава. Сакам само да потсетам во сите овие години наназад во нашата држава се направени само 18 мегавата фотоволтаици, а сега само со овие 10 мегавата тоа е практично 50% од се што е досега направено. Но, тука е само почеток и веднаш после ова ќе следува нов јавен тендер за нови 10 мегавати во Осломеј и дополнителни 2 тендера по 50 мегавати коишто ќе бидат врз база на јавно приватно партнерство. Вторите 10 мегавати исто како и овие 10 мегавата се инвестиција на ЕСМ, додека тендерот за ЈПП ќе биде 2 по 50 мегавата инсталирана моќност на фотоволтаични електрани и тоа на место стариот рудник за јаглен, со што ќе се направи рекултивизација на тој терен, бидејќи таму е останато едно хаварисано земјиште коешто не може да се користи за ништо друго и е само една лоша слика која денеска можеме да ја видиме. Таа лоша слика сакаме да ја трансформираме во слика во којашто ќе има 120 мегавати инсталирана сила во фотоволтаици“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.
Министерот Бектеши истакна дека во изминатите две години заедно со вицепремиерот Анѓушев беше создадена сосема нова енергетската политика во Северна Македонија. И тоа не беше направено само на хартија, туку денеска е и реалност.
„Термоелектраната Осломеј не работеше со години и сега ние токму во полето каде што се експлоатираше јагленот почнуваме со инвестиции што ќе бидат не само во интерес на енергетскиот сектор на нашата држава, но ќе бидат и во интерес на сите граѓани што живеат во општина Кичево и околината. Од еден загадувачки капацитет преку АД ЕСМ државата сега гради капацитети кој ќе произведува чиста енергија. Капацитети кои се современи со најнова технологија и ние како Министерство за економија токму во таа насока ќе работиме и понатаму. И задоволство ми е да кажам дека следната есен ќе имаме нов капацитет кој што обезбедува енергија за 2.000 домаќинства во Кичево“, нагласи министерот Бектеши.
Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски информираше дека на меѓународниот тендер се пријавија 17 компании кои покажаа интерес да го градат објектот. По првичната евалуација, 8 од нив влегоа во потесното квалификување. На крајот според сите параметри кои беа пропишани во јавната набавка, и комерцијалните и техничките, се покажа дека најдобриот понудувач е компанијата Гиришим Електрик од Турција, која и беше избрана и со која е потпишан договор за градба.
„Од овој момент натаму економскиот оператор кој е избран ги презема работите и сите обврски околу проектот, и ние очекуваме, согласно договорот, електраната да биде готова за 10 месеци и да почне да ги произведува првите киловати електрична енергија од сонце на есен 2020г. Овде сакам да упатам благодарност и до Европската банка за обнова и развој со чија помош го спроведуваме проектот, односно од вкупната сума од 6,9 милиони евра, 5.9 милиони евра се заем земен од ЕБРД, а 1 милион евра се наши средства, односно средства на АД ЕСМ“, рече Ковачевски.
Претседателот на Бордот на директори на компанијата изведувач г. Мухитин Бехиџ Харманли, посочи дека освен во Турција компанијата има претставништва во 7 различни земји и работи и во полето на трговија со електрична енергија.
„Најголемата фотонапонска централа во Алжир со капацитет 1200 мегавати, беше изградена од наша фирма. Во Маракеш имаме друга фотонапонска електрана изградена од наша фирма. Во Турција досега во врска со обновлива енергија највеќе работевме со ветерни паркови. Изградивме различни централи и бевме дел од проектирање и инсталирање на самите централи и отприлика 3,5 гигават часови од електричната енергија во Турција ни припаѓа нам. Исто така, присутни сме и во Холандија. Имаме различни проекти кои ги изведуваме и ќе продолжиме во таа насока“, нагласи Харманли.
Линк до видео од настанот: