Со поддршка на Владата, Европска Унија и Светска Банка се зголемуваат понудените содржини за туристи во Малешевијата

4 декември 2019


Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, амбасадорот на ЕУ, Н.Е. г. Самуел Жбогар и директорот на канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово, г. Марко Мантованели, присуствуваа на промоцијата на подпроектот „Планински велосипедизам“ на здружението Малешевска корија, дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, кој се реализира од Кабинетот на Вицепремиерот со финансиска поддршка од делегацијата на Европска Унија и од Светска банка.

Зборувајќи на промоцијата, вицепремиерот Анѓушев истакна дека ова е еден од вкупно 47-те подпроекти кои во моментот се спроведуваат во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност. Овој Проект, со вкупна вредност од 21 милион евра, содржи три компоненти: поддршка на локалната самоуправа во изградба на инфраструктура за поттикнување на конкурентноста, особено во туризмот, поддршка на микро, мали и средни претријатија кои се занимаваат со туризам и угостителство, како и поддршка на здруженија и асоцијации од туристичката дејност.

„Целиот буџет за Проектот за локална и регионална конкурентност, што се однесува на поддршката од ЕУ, односно од ИПА програмата, е во форма на грант во вредност од 18 милиони евра, како и 3,2 милиона евра сопствено учество на нашата држава. Досега се потпишани 47 договори за подпроекти и  2020 година очекуваме да биде завршната имплементација на проектот, кога и ќе бидат и потрошени најголем дел од средствата. Претходно беа извршени подготвителни работи во делот на создавање на проектот, спроведување на тендерски постапки, а сега веќе е влезено во реализација и најголем дел од проектите се спроведуваат и истите ќе бидат реализирани.  На здружението Малешевска Корија, кои го спроведоа подпроектот „Планински велосипедизам“, во вредност од околу 3,2 милиони денари, им посакувам многу успех, преку оваа активност да привлечат многу туристи. Тоа дека туризмот може да биде една од гранките која што може да  ја задвижи економијата покажуваат и последните официјални бројки. Во септември 2019 година, споредено со септември 2018 година имаме зголемен број на туристи за 12,8 %, како и зголемување на број на странски туристи за 17.8 % во овој месец во нашата државата. Исто така и кумулативно, од почетокот на годината до септември, бројките се охрабрувачки, растат и тоа што е поважно бројот на странски туристи и бројот на ноќевања се зголемува. Се надевам дека овој проект ќе придонесе ова и понатаму да биде тренд и да биде само уште повеќе изразено во нашата држава. Подпроектот кој се спроведува во Берово покрај тоа што има економска компонента има и социјална компонента и уште една подлабока компонента, а тоа е дека со збогатување на туристичката понуда, се зголемуваат можностите како младите луѓе од Берово, но и од целиот Малешевски регион да обезбедат своја егзистенција и иднина и да продолжат да живеат  во регионот и да не ја напуштат нашата убава држава“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

ЕУ Амбасадорот Жбогар посочи дека Северна Македонија е објавена од страна на Lonely Planet како една од 10-те дестинации која треба да се посети во 2020 година. 

„Европската Унија финансира 47 подпроекти со грант од 18 милиони евра, за да и помогне на Северна Македонија да ги достигне туристичките потенцијали. Јас доаѓам од Словенија и ние имаме кај нас природа и сме горди на таа природа, но таа сама по себе не е доволна, туристите бараат повеќе: авантура, гастрономија, искуство, култура, за да добијат целосно доживување. Северна Македонија ги има сите потребни елементи, а сега треба да се доврши приказната, да се изгради наратив и кога го велам тоа, се сеќавам на филмот „Полето на соништата“ каде велат „Ако го изградите, ќе дојдат“ и токму тоа сега заеднички го правиме“, потенцира Амбасадорот Жбогар. 

 Преку Проектот за локална и регионална конкурентност, Светска банка има за цел да го зголеми придонесот на туризмот во локалниот економски развој, преку зајакнување на управувањето со туристичките дестинации и надградба на туристичките капацитети и инфраструктура, развој на вештините, креирање на работни места и поддршка на бизнисите во туристичката дејност, рече Марко Мантованели, директор на Светска банка за Северна Македонија и Косово. 

„Планинскиот спортски клуб ‘Малешевска корија’ од Берово е една од 17-те асоцијации кои добија под-грантови од Проектот. Вкупната вредност на овие под-грантови за асоцијации е над 1,2 милиони евра, за развој на нови атракции за туристите низ целата земја, како што се летање со балони на топол воздух, јавање коњи , планински велосипедизам, обележани патеки за пешачење, самоводечки тури и падобрански скокови во тандем“, подвлече Мантованели.

Директортката на Проектот Антонија Шишак нагласи дека Преку проектот за локална и регионална конкурентност се финансираат проекти коишто треба да ја збогатат туристичката понуда на нашата земја и да ја подобрат инфраструктурата и пристапноста до туристичките локации и атракции. 

„Проектот кој што денес ви го промовираме на планинарско спортскиот клуб Малешевска Корија е планинска велосипедизам дестинација и претставува еден од многуте проекти доставени од асоцијациите и здруженијата на граѓани. Тие на еден убав и суптилен начин успееја она што беше идентификувано како недостаток во плановите за развој на дестинацијата Малешево и околината да го преточат во своја предност и да направат еден убав пакет нудејќи на приоритетните пазарни сегменти, а тоа се независните активни туристи и организираните активни туристи кои што очекуваат не само да ја видат убавата природа туку очекуваат да доживеат и некои други доживувани искуства“, нагласи директорката на Проектот за локална и регионална конкурентност Антонија Шишак.

Претседателката на здружението Малешевска Корија, Дафинка Дина Муцунска за време на промоцијата ги презентираше резултатите од проектот и ги претстави знаменитостите со коишто може да се пофалат Берово и Малешевијата.

 

Линк до видео од инсерти од настанот: 

Линк до видео од обраќањето на вицепремиерот Анѓушев:

Линк до видео од обраќањето на ЕУ Амбасадорот Жбогар:

Линк до видео од обраќањето на Директорот на Светска Банка Мантованели:

Линк до видео од обраќање на директорката на Проектот за локална и регионална конкурентност  Антонија Шишак:

English
АКТУЕЛНОСТИ: