Потпишан договорот за државна помош со чешката компанија Локо Транс – Започнува со реализација инвестиција во вредност од 15 до 20 милиони евра во која ќе се отворат 250-300 нови работни места

19 декември 2019


Владата на Република Северна Македонија и компанијата Локо Транс од Република Чешка, денес го потпишаа договорот за државна помош за инвестицијата во вредност од 15-20 милиони евра во која се планира да се отворат од 250-300 нови работни места.

Договорот го потпишаа министерката за странски инвестиции, Зорица Апостолска и сопственикот и извршен директор на Локо Транс, Карел Јалови.

Заменикот претседател на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, зборувајќи на свеченоста, посочи дека компанијата Локо Транс во железничкиот транспорт работи во 1990 година,  во машинската индустрија, односно високо софистицирана индустрија којашто во својата производна програма има производство на железнички вагони и локомотиви. Тој додаде дека оваа компанија има капацитети во повеќе држави, во Чешка, Словачка, Италија, Бугарија, Србија, Аргентина и ги покриваат пазарите на Европа, на Блискиот Исток, на Азија, на Латинска Америка и на Африка.

„Фабриката којашто ќе биде изградена во Скопје, ќе биде инвестиција помеѓу 15 и 20 милиони евра. Ќе се произведуваат транспортни шински возила, вагони. Тоа е многу слична фабрика, но многу пософистицирана на она што беше Колска во Велес на времето и мислам дека е добро да напоменеме дека и еден добар дел од вработените коишто ќе имаат желба да работат во новата фабрика од Колска и нивниот проблем ќе биде решен на овој начин, сите тие коишто ќе имаат капацитет и желба да продолжат со работењето во новата компанија Локо Транс ќе бидат преземени и ќе имаат можност својот работен век да го поминат во оваа компанија, бидејќи таа е компанија којашто ќе произведува шински возила за целиот свет. 

Планирани се 250-300 нови работни места. Фабриката се очекува да биде завршена во периодот од почетокот на градба за некои 12-15 месеци и потоа да започне производниот процес. Производниот процес ќе биде комплетен, од почеток од репро материјали, па се до готов производ ќе се одвива во рамките на оваа фабрика“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Сопственикот и извршен директор на Локо Транс, г. Карел Јалови, посочи дека и покрај тоа што се присутни во Република Северна Македонија повеќе години и имаат основано две фирми во земјата, потпишувањето на договорот за државна помош е првиот конкретен чекор кон реализација на новата инвестиција на чешката компанија.

„Пред една година се сретнавме со Вицепремиерот, конкретно кажавме што сакаме да направиме и тоа што беше ветено, беше и направено и со тоа денес потпишавме договор којшто гарантира изградба на фабрика во Северна Македонија и нашата инвестиција во Северна Македонија. Во денешната политика не е ништо поглобално од железницата којашто треба да се развива и тоа е гранка којашто сите земји ги спојува и ние сме задоволни што на денешен ден се споивме со Република Северна Македонија и многу ни помогна вицепремиерот со својот импут“, нагласи Јалови.

Компанијата Локо Транс, ќе започне со градба на новата фабрика и придружната инфраструктура, во првата половина на 2020 година.

 

Линк до видео од настанот:

English
АКТУЕЛНОСТИ: