Заев: Заедно со првата фабрика која веќе го започна пробното производство, американската компанија ДУРА ќе изгради уште две фабрики и вкупно ќе вработува 1000 наши граѓани

28 декември 2019


Како круна на нашите успешни економски политики, имаме да ви соопштиме една исклучително добра вест: Една од најмоќните компании во автомобилската индустрија, компанијата ДУРА Аутомотив Системс донесе одлука да започне две нови инвестиции во нашата земја, и со тоа само оваа компанија, која веќе има една фабрика во ТИРЗ 2 Бунарџик, во нашата земја ќе има вкупно три модерни капацитети во кои со најнова технологија ќе се произведуваат компоненти за најголемите светски автомобилски компании, соопшти претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на прес-конференцијата на која говореа и заменик претседателот во Владата задолжен за економските ресори, Кочо Анѓушев, и директорот на Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони, Александар Младеновски.

ДУРА Аутомотив Системс е една од водечките светски компании од автомобилскиот сектор со искуство од преку 100 години и ги опслужува најголемите производители на автомобили на Северно американскиот, Азискиот и Европскиот пазар. Седиштето на компанијата е во Мичиген, во Соединетите Американски Држави и има 9.400 вработени во 33 фабрики и 12 инженерски центри во 12 земји во светот. 

„Вкупниот обрт на DURA во 2019 година изнесуваше 1,4 милијарди долари, а Северна Македонија е тринаесеттата земја во која компанијата гради дури три фабрики. Вториот инвестициски проект во нашата земја ќе го реализира ДУРА Аутомотив Стракчрс. Фабриката во ТИРЗ Скопје 2 ќе произведува нов тип на алуминиумски рамки за литиумски батерии со голем капацитет за електрични возила. Фабриката ќе произведува компоненти за премиум класата на производители на автомобили.
Петгодишниот инвестициски циклус (2019-2023) е проценет на повеќе од 48 милиони евра и ќе отвори 780 работни места“, истакна премиерот Заев.

Тој информираше дека третата фабрика ДУРА Аутомотив Екстружнс ќе произведува алуминиумски ултра лесни профили за батериските системи на DURA за електрични возила. Инвестицискиот циклус (2019-2023) е проценет на повеќе од 20 милиони евра и ќе отвори 200 работни места.

„Заедно со првата фабрика, која како што реков, веќе го започна првото пробно производство во фабриката во зоната Бунарџик, трите фабрики на ДУРА Аутомотив Системс ќе вработуваат околу 1000 наши сограѓани. Сите тие ќе работат во најсовремени фабрички системи и ќе се стекнат со обуки и вештини да учествуваат во високо-технолошки процеси. Едноставно, ќе станат дел од глобалниот свет на ДУРА Аутомотив Системс“, нагласи премиерот Заев на прес конференцијата во Владата на Северна Македонија.

Заменик претседателот во Владата задолжен за економските ресори, Кочо Анѓушев, се задржа на одржувањето на трендот на привлекување на странски инвестиции од високо-технолошките индустрии што ја ориентира земјата да биде препознавана како дестинација која обезбедува услови за инвестиции кои се конкурентни на светскиот пазар, а за работната сила обезбедува работни места со високи плати. 

„Дура е компанија којашто е во портфолиото на Патријарх Партнерс којшто комбинирано имаат над 8 милијарди долари промет на годишно ниво. На состанокот со менаџментот ги убедивме да ја посетат Република Северна Македонија и по нивното доаѓање ја сменија одлуката, наместо во Чешка овие две фабрики ќе се градат во нашата држава. Овие две фабрики е уште поважно што се од високо технолошкиот развој и свет на индустријата. Станува збор за фабрики кои се капитално интензивни, а не трудоинтензивни. Точно такви какви што нас ни требаат, за да нашите млади инжeнери, стручни луѓе и стручни кадри ги задржиме во државата. Бидејќи тоа не можеме да го направиме со ниски плати, ќе го направиме со повисоки плати, точно такви, какви што овие капитално интензивни инвестиции можат да понудат на вработените“, посочи Анѓушев.
 
Вицепремиерот Анѓушев, ја објави и одлуката на канадската компанија Магна да инвестира во нашата земја, а вкупните инвестиции во овие три фабрики, двете на Дура и онаа на Магна би требало да надминат 100 милиони евра и да отворат околу 2000 работни места. Дополнително вицепремиерот најави огромна инвестиција и изградба на две фотоволтаични електрани со инсталирана моќност од по 50 мегавати, кои ќе се градат над рудникот Осломеј. Со тоа овој енергетски комбинат, кој моментално е енергетски споменик, ќе биде вистински пример на енергетска транзиција, односно премин од загадувачко производство на електрична енергија кон еколошки, обновливи извори на енергија.

Директорот на Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони, Александар Младеновски истакна дека одлуката на двете нови инвестиции на ДУРА Аутомотив Системс од САД е донесена откако претходно компанијата за дестинација на двете нови фабрики избрала друга земја, членка на ЕУ, но сепак решила своите нови капацитети во Европа да ги отвори во Северна Македонија со што се потврдија компаративните предности на нашата земја за привлекување на странските инвестиции.

За две и пол години, оваа влада договори 24 нови странски инвестиции во нашата земја. Ако сега вкупно имаме само во индустриските зони 34 компании, разликата во полза на оваа Влада за активностите на овој план е сосема очигледна. Во досегашниот мандат на оваа влада 12 фабрики се веќе пуштени во работа. 

Тоа се речиси двојно поголеми резултати во споредба со истите периоди во од 2013 до 2015, и од 2015 до јуни 2017.

 

Линк до видео од настанот:

English
АКТУЕЛНОСТИ: