10 јануари 2020
Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, оствари средба со директорот на Светска Банка задолжен за Северна Македонија и Косово, г. Марко Мантованели.
За време на средбата се дискутираше за тековните проекти кои се реализираат со поддршка на Светска Банка, со особен фокус на проектот за локален и регионален развој на конкурентноста, кој се реализира со поддршка од Делегацијата на Европската Унија и Светска Банка. Притоа и од страна на вицепремиерката Царовска и од директорот Мантованели беше истакната успешната соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Светската банка, за поттикнување на локалниот и регионалниот економски развој и управување со туристичките дестинации.
Воедно се разговараше и за идни заеднички проекти, при што соговорниците се согласија дека меѓусебната соработка и понатаму ќе се развива во позитивна насока, пред се во интерес на побрз и одржлив економски развој и повисок животен стандард на граѓаните на Република Северна Македонија.